Јавното обвинителство соопшти дека, постапувајќи по пријава од Управата за финансиска полиција, оформило предмет и повело постапка против осум лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба.
Првоосомничен е поранешниот директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони во Скопје (ТИРЗ Скопје), Јован Деспотовски.
Финансиска полиција утврдила дека од 26 јануари до 12 јули 2022 година, Деспотовски, заедно со три службени лица задолжени за спроведување на управната контрола при Бирото за јавни набавки и уште четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, со неизвршување на нивната службена положба, му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од над 622 милиони денари.
„Првиот осомничен, по претходно донесена одлука, објавил оглас за јавна набавка за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица. На објавениот оглас во предвидениот законски рок се јавиле два заинтересирани економски оператори кои доставиле понуди со предвидените критериуми. Една од компаниите понудила повисока цена, но драстично пократок рок на изведба на работите во календарски денови, врз основа на што таа била избрана за изведувач“, велат од Јавното обвинителство.
Понатаму, додаваат дека трите лица од Бирото за јавни набавки не извршиле контрола на исполнетоста на условите од тендерската документација по однос на техничката и професионална способност за изведување на предвидените работи, како и по однос на рокот на изведба на работите како критериум за квалитет. Тие не ги увиделе неправилностите и до ТИРЗ Скопје доставиле записник од извршена управна контрола со дадено мислење дека договорниот орган може да продолжи со постапката за јавна набавка.
Вториот учесник во постапката поднел жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но таму претседателот и три члена го игнорирале доставениот стручен наод и мислење од вешто лице од областа на градежништвото кој бил основа за жалбените наводи, па донеле решение со кое жалбата на другиот економски оператор ја одбиле поради неоснованост. На тој начин Дирекцијата склучила договор со избраната фирма за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица со рок на изведба од 120 календарски дена од моментот на воведување во работа.
„Два месеца по почетокот на работите, осомничениот директор потпишал анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за 84.688.628 денари или 19,77% од основниот договор и дополнително го продолжил првичниот рок за изведба на работите. По три месеци тој потпишал и втор анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за дополнителни 34.921.240 денари и уште еднаш го продолжил рокот за изведба на работите“, додаваат од обвинителството.
Кога фирмата не го испочитувала дадениот рок од 120 календарски дена за изведба, кој бил најважен услов за добивање на зделката, осомничениот директор не презел службени дејствија во насока на раскинување на Договорот за јавна набавка, активирање на доставените банкарски гаранции и наплата на договорна казна преку пенали за доцнењето при изведбата.
„Со неизвршување на нивната службена должност, осомничените придонеле правното лице да ја добие јавната набавка врз основа на нереално низок понуден рок за изведба кој фирмата не успеала да го реализира, а со значително повисока цена од нејзиниот конкурент, па на тој начин тие за правното лице прибавиле противправна имотна корист“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Од обвинителството доставиле барање за привремено одземање на имот и предмети од правното лице, заради нивно обезбедување со цел идна конфискација.
„Со мерката, Основното јавно обвинителство Скопје предлага замрзнување – хипотека на недвижен имот во Карпош и Кисела Вода, забрана за располагање со средства од четири трансакциски сметки (три на физичко и една на правно лице), како и забрана за располагање со список подвижен имот во сопственост на правното лице (две патнички, осум товарни возила, кипери и градежна опрема)“, пишува во соопштението, во кое се додава и дека на поранешниот директор на ТИРЗ му е одземен пасошот.