Пехчево ги oчекува сатиричарите и поетите

Пехчево, 21.01.2019

Домот на култура „Јане Сандански“ – Пехчево не престанува културно да го облагородува животот на своите сограѓани. По прикажувањето на хит филмот „Ицелител“ и по изложбата на слики на уметничката Лена Ѓуриќ од Штип, на ред е хуморот, сатирата и поезијата.

„Во четврток, на 24 овој месец, во нашиот Дом на културата организираме Вечер на карикатурата, афоризмот и поезијата. Ќе биде промовирана книгата афоризми „Трагачи по парадокси“. Во специјалниот Сатирикон свои афоризмие ќе читатат афористичарите Миле Ѓорѓијоски, Ленче Стоименова и Јане Атанасов. Во рамките на поетскиот хепенинг со своја поезија ќе се претстават Габриела Костадинова и Христина Деолска. Во рамките на овој настан ќе ја отвориме и изложбата на карикатури од познатито фестивал на хумор и сатира „Ин Виница Веритас“ изложени во 2018 година“, информира Ана-Марија Теохарова, директорка на Домот на културата „Јане Сандански“.

Миле Ѓорѓијоски, неуморниот создавач и промотор на афоризмот како посебен вид литературна сатирична форма, вели дека книгата „Трагачи по парадокси“ е книга која на 300 страници донесува над 2.000 афоризми од 28 афористичари од Европа.

„Оваа книга досега ја имеме промовирано во Виница, на фестивалот „Ин Виница Веритас“, во Белград на тамошниот Саем на книгата, во Кичево и во Темишвар, Романија. Пехчево е петтиот град во кој со посебно задоволство, в четврток, ќе го промовираме ова ретко дело од областа на сатирата, а моето задоволство е посебно зашто цел ни е во секој град во нашиот регион да имаме ваква промоција“, вели Ѓорѓијоски.