Поради каприците на Захариев Штип ќе плати нови 100.000 евра

Oд денешнара средба на пожарникарите со синдикалното раководство на НСПМ

Штип, 01.03.2017

Постои реална можност општина Штип да се „олесни“ со нови 100.000 евра од својот буџет кои ќе треба да им ги исплати на штипските пожарникари. Таа сума општината им ја должи на вработените во Територијалната противпожарна единица и е резултат на неисплатени плати согласно член 13 од Законот за пожарникарство. Како што претходно пишувавме, поради инаетот на штипскиот градоначалник Илчо Захариев кон овие луѓе, а по судска одлука, на нив од општинскиот буџет им беа исплатени околу 90.000 евра.

„Членот 13 е сосема јасен. Пожарникарите во Македонија мора да имаат за 20 проценти поголема плата од платата која ја имаат службеници во локалната самоуправа со исто ниво на образование. Во Штип, но и во некои други градови во државава, овој закон не се почитува повеќе години, сите обиди преку разговор и договор со градоначалникот на Штип да се реши проблемот не дадоа резултат, па ние немавме друга можност освен по пат на тужби потпишани од вработените да се избориме за нивните права“, вели Тони Бишковски, претседател на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија (НСПМ).

Денес Бишковски заедно со Боби Вељанов, секрета на НСПМ и адвокатот Александар Димитровски кој ги застапува сите македонски пожарникари беа на средба со вработените во штипската ТПЕ.

„На барање на нашето членство одлучивме правата на пожарникарите во Штип да ги остваруваме по судски пат. Еднаш веќе на ваков начин се изборивме за нивни финансиски права, а ние во Синдикатот сме апсолутно сигурни дека и оваа битка за нашето членство ќе ја добиеме и пожарникарите во Штип ќе си ги добијат парите кои по закон им припаѓаат и ноој нема право да им ги ускратува“, посочи Бишковски.

Според пожарникарот Александар Георгиевски, вкупниот износ за кој се оштетени 40 активни пожарникари но и дел пензионирани нивни колеги кои исто така поднеле тужби, изнесува околу 100.000 евра.

„Секој пожарникар во просек е оштетен за по 50 евра месечно, што на годишно ниво изнесува 600 евра по човек, а на тригодишно ниво тоа е сума од 1.800 евра. Активните и пензионираните пожарникари ќе ја „олеснат“ општинската каса за околу сто илјади евра и сето тоа само поради факот што градоначалникот Илчо Захариев тврдоглаво одбиваше да разговара со Синдикатот за без суд да го решиме  ова за пожарниакрите болно прашање“, ни изјави Георгиевски.