Прв случај на родово заснована дискриминација поради ин витро оплодување

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го утврди првиот случај на родово заснована дискриминација врз работничка од приватниот сектор, поради нејзината намера да забремени преку ин витро оплодување.

Работничката, која две години работела за приватен работодавач, го информирала за својата планирана бременост и побарала боледување за ембриотрансфер. Работодавачот ѝ изрекол отказ без отказен рок додека таа користела годишен одмор, обвинувајќи ја за недоаѓање на работа и поради прекршување на работниот ред и дисциплина.

КСЗД постапуваше по претставка поднесена од страна на Македонското здружение на млади правници поради сторување на дискриминација по основ на пол, род и личен статус – бременост во областа на работните односи.

Во постапката утврдиле дека работодавачот не ја испочитувал законската процедура за утврдување одговорност, решението за прекин на работниот однос не било правилно доставено и дека работничката била одјавена од социјално и здравствено осигурување.

Поради овие постапки, работничката не можела да ја заврши ин витро процедурата со покривање на трошоците страна од Фондот за здравствено осигурување, што резултирало со здравствени и финансиски последици.

Комисијата заклучи дека отказот е директно поврзан со планираната бременост и го оцени како форма на родово заснована дискриминација и препорача работодавачот да ги надомести трошоците за процедурата, покриени од приватни средства на работничката.

МЗМП нагласува дека оваа пракса е неприфатлива и претставува грубо кршење на основните човекови права, гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе