РАДОВИШ: Бучимци на посебен начин се збогуваа со своето раководство кое за 17 години испиша историја

Каранфилов, Филипов, Борутскиј, Николов, Атанасов, Гоцев

Радовиш, 07.06.2021

Педесеттина вработени на разни одговорни позиции во рудникот за бакар Бучим-Радовиш, синоќа, на посебен начин ги испратија во пензија првите луѓе кои 17 години раководеа со рудникот испишувајќи историја.

Во пензија заминуваат украинец, македонец и русин. Тоа се досегашниот генерален директор Васил Борутскиј, заменик генералниот директор Николајчо Николов и Илија Филипов, технички директор. Борутскиј се враќа во родната Украина, Филипов во Русија, додека Николов останува на работа до 20 август годинава по кој датум и официјално ќе замине во пензија.

Синоќашната разделба од колективот во радовишкиот ресторан „Амбасадор“, беше многу емотивна. Поголем број соработници говореа за капиталниот придонес кој тројцата раководители го имаат дадено за развојот, растежот и одличните резултати на рудникот Бучим. Сепак, најголем акцент беше ставен на човечката големина на оваа тројка која беше констатирана со укажување дека за 16,5 години од рудникот не бил отпуштен ниту еден работник, а ако имало проблеми тие се решавале во искрен, меѓусебен, човечки разговор.

-Во Бучим и во Радовиш остварив неверојатни пријателства со луѓе за кои никогаш не сум сонувал дека ќе дожиевам една преубава приказна како значаен дел од мојот живот. Заедно со Николов, Филипов и другите најблиски соработници, со одлични стручњаци во сите делови на рудникот, со посветени рудари, остваривме одлични резултати работејќи позитивно сите изминати години. Каде и да одам Радовиш и радовишани, прекрасната Македонија која темелно ја запознав овие години, рударите од Бучим, ќе ми останат во трајно сеќавање и во моето срце. И да, одвреме-навреме ќе си доаѓам во мојот Радовиш, порача Борутскиј.

Николајчо Николов напомна дека тој во Бучим дошол кон крајот на 2004 година, а со Борутскиј и другите раководители со работа започнале на почетокот од 2005 година:

-Наидовме на целосно распаднат рудник на кого му беше неопходна обнова по сите основи. Застарени и нефункционални машини на површинските копови, неупотреблива технологија во флотацијата, хидројаловиште на кое му требаше целосно нова стратегија. Ја имавме сета среќа на овој свет што Бучим за сопственик ја имаше познатата компанија „Солвеј“ чиј сопственик не жалеше средства рудникот да стане еден од најсовремените во светот за производство на бакар. Во изминатите безмалку 17 години создадовме и одлична синергија со градот Радовиш, рудникот финансиски поддржуваше голем број потреби на градот и на граѓаните, работевме и дишевме како едно големи, сложно семејство. На почетокот се потпревме на старите рудари, а полека ни доаѓаа и помлади генерации рудари и тој спој на стручност, младост и искуство даде врвни резултати“, рече Николајчо Николов. Тој им се заблагодари на професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, од факултетот на кој се учи рударство и геологија, за  нивниот придонес кој го имаат дадено како научници во сите фази од развојот на Бучим.

-Бучим и неговото раководство остварија одлична соработка со нашиот факултет користејќи ја науката за сите свои успешни остварувања. Ние за рудникот секогаш бевме тука, а овој пример на соработка помеѓу науката (образованието) и стопанството може да биде пример за многу идни успеси на бројни наши стопански организации, порача проф.д-р Тодор Серафимов од Факултетот за придони и технички науки при УГД Штип.

Бранко Атанасов, финансиски директор, истакна дека во изминатите 16,5 години на вработените во рудникот им била исплатена плата во вкупна вредност од 45 милиони евра, Општина Радовиш на име концесиски надомест добила над 17 милиони евра.

За времен вршител на должноста генерален директор е назначен 46 годишниот хемиски инженер Дејан Каранфилов, кој досега беше управник на погонот за лужење.