Свети Николе, 21 април 2021
На Меѓународниот Славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе денес беше промовиран романот „Господинот М“ од проф. д-р Јордан Ѓорчев. Промоцијата се одржа онлајн, преку Zoom.
![проф.д-р Јордан Ѓорчев](https://istokpress.mk/wp-content/uploads/2021/04/gorcev-168x300.jpg)
Раскажувајќи ја волшебната приказна за Господинот М авторот не води во една непозната, но само од него претпоставена цивилизација во која човекот го има истиот лик и облик како и денешниот, но се друго е поинакво, необично, непознато, фасцинантно.
Тоа е еден нов, еден сосема можен свет, свет од фантазијата на писател кој во енормни количини располага со способноста да погледне во иднината и тоа свое видување на новотo време кое неумитно доаѓа да ни го пренесе и нам, на читателите преку страниците на романот Господинот М.
Промотори на романот беа Иван Бојаџиски, новинар и писател, и Трајче Кацаров, поет, раскажувач, есеист и драмски автор.
![проф.д-р Соња Ризоска Јовановска](https://istokpress.mk/wp-content/uploads/2021/04/177354114_672668813512508_6291910401255429118_n-300x193.jpg)
Настанот го отвори проф. д-р Соња Ризоска Јовановска, директорка на Институтот за култура и уметност при Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“.
„Господинот М“ е во издание на официјалната издавачка куќа на МСУ, Меѓународен центар за славјанска просвета.
![М-р Трајче Кацаров](https://istokpress.mk/wp-content/uploads/2021/04/176069367_939153883502808_7788696633773554305_n-200x300.jpg)
Проф. д-р Јордан Ѓорчев има напишано повеќе збирки поезија кои се објавени на македонски и руски јазик – „Еден, една, едно“, „Чекори еден ден осамен“ и „Здивот на волшебното огледало“. Има напишано збирка раскази „По 3000-тата” кои беа објавувани во повеќе македонски весници. Во 2020 година го објавува илустрираното кратко дело „Принцот што личеше на малиот принц“ и тријазичината збирка на карикатури „На мој начин 2“. Автор е и на повеќе стручни книги од областа на економијата.