СДСМ ги носи на суд Лазарев и „Будење“

Од пресот на СДСМ

Штип, 12.09.2017

Штипските социјалдемократи денес до СВР Штип поднесоа кривична пријава против лицето Видан Лазарев и група граѓани, активисти во новоформираното граѓанско здружение „Будење“. Таков расплет беше најавен од страна на Советничката група на СДСМ на претпоследната седница на Советот на општината.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека , во согласност со нашата најава на претпоследната седница на Советот на општина Штип, денес поднесуваме кривична пријава против лицето Видан Лазарев и група граѓани носители на активностите за собирање на потписи и иницирање на одлука за референдум.

Во дејствијата на горенаведените лица содржани се повеќе кривични дела:

-Злоупотреба на лични податоци, според член 149 став 1 од КЗ;

-Измама, според член 247 став 1 од КЗ;

-Повреда на избирачкото право, според член 160 став 1 од КЗ ;

-Предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост,

според член 319 став 1 од КЗ , рече пред новинарите Јане Миланов.

Според Миланов, во текот на месец август 2017 година на повеќе локации во градот наведениве лица ги дезинформирале случајните минувачи презентирајќи лажни податоци дека во општина Штип ќе се градат 6.000 станови за мигранти и дека тоа во Штип ќе донесе тероризам, силување и огромна штета. Собраните потписи , вклучително и матичните броеви на потписниците, спротивно на Законот за заштита на лични податоци ги искористиле за поднесување иницијатива до Советот на општина Штип за распишување референдум.

По завршување на прес конференцијата група советници предводени од Миланов заминаа во СВР каде ја предадоа кривичната пријава.