СКОПЈЕ: Партијата на пензионери ги информира засегнатите пензионери од МВР дека вчера, конечно се „откочи“ иницијативата за дополнителни измени во Законот за внатрешни работи, со цел со усогласување на пензиите да бидат опфатени и корисниците на старосни пензии кои правото го оствариле со стаж покус од 40 години.

Скопје, 11.05.2021

Партија на пензионери, со нескриено задоволство, ги информира пензионираните припадници на МВР, кои не беа опфатени со последните усогласувања на пензиите, дека вчера во Собранието на РСМ, надлежната комисија го прифати предлогот за изменување и дополнување на ЗВР поднесен од пратениците Илија Николовски и Славјанка Петровска. Со тоа „се откочи“ процесот и се очекува измените на законот да се донесат на седница на Собранието во текот на месец Мај.

На овој начин конечно се создадоа услови со усогласувањето на пензиите да бидат опфатени и корисниците на пензии кои од МВР оствариле право на старосна пензија со стаж од најмалку 35 години жени и 37 години мажи.

Со ова ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ ја исполни својата програмска цел да се исправи неправдата кон корисниците на пензии од МВР, кои по многу понеповолни услови ги остварија своите пензии, иако го понесоа најголемиот товар во создавањето и градењето на самостојна македонска држава.

Сега, како најзначајна и приоритетна определба, за ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ преостанува, да се избори, во Собранието да се усвои и иницијативата за измени на Законот за служба во Армијата со додавање на член 218-в и така државата правично да им се оддолжи и на засегнатите маргинализирани пензионирани припадници на нашата Армија.