Скопје, 09.06.2020
Советот за етика во медиумите (СЕММ) продолжува да реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот. Едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните.
Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени 47 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (31 жалбa или 66 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Прекршување на членот 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 39% од пријавените случаи, додека прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање е утврдено во 35% од пријавените случаи.
Јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (32%). Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање.
Во 16% од случаите станува збор за прекршување на членот 12 од Кодексот на новинарите, според кој плагијаторството е неприфатливо, а цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот. Доколку информацијата е преземена, изворот мора да биде наведен. Во овој контекст, СЕММ ги повикува медиумите јасно и експлицитно да го наведуваат изворот и авторот при преземање на содржини од друг медиум или од социјалните мрежи.
Позитивна практика е што се зголемува бројот на случаи решени низ медијација, а во оваа насока Комисијата за жалби при СЕММ ја поздравува и подготвеноста на медиумите да се коригираат кога ќе се утврди пропуст во содржината.
СЕММ продолжува да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои сѐ уште не се негови членки и ќе повикуваме на доследно почитување на Кодексот на новинарите како предуслов за професионално известување. Саморегулацијата е единствениот сигурен начин медиумите да ги подобрат своите практики на известување, притоа заштитувајќи ја слободата на изразување и известување, без да соочат со други механизми на контрола или „судење“ за нивната работа.