Градоначалниците од третата изборна единица пред локалните избори често се слика што групно што соло. И со сликите испраќаа пораки во стилот на Елиот Нес: дека се нескршливи и непроменливи. Дека се константа која трае, и трае, и трае…Која покрај вториот ќе трае и трет мандат. А можеби и подолго….
Меѓу пораките кои ги лиферуваа најчесто беа оние со патриотска содржина. Како и оваа групна фотка со 15 сликани градоначалници, а на која пишува „Не ја даваме Македонија“!
Тие не ја дадоа Македонија, а граѓаните од оваа изборна единица не им ги даде општините. Народот рече „нема нов мандат“ и им покажа црвен картон. На Илчо Захариев, кој јавно тврдеше дека ќе го „тепал“ Благој Бочварски со 5.000 гласа разлика, штипјани не му дозволија ниту да припари до вториот мандат. Така Илчо не успеа да го оствари својот сон: да биде Ратко Димитровски, Тони Тоневски или Дарко Митевски кои со Кочани, Пробиштип и Македонска Каменица управуваа по два мандати. Илчо сиромав остана на само еден мандат, а наместо да победи со 5.000 загуби со 1.715 гласа!
На истокот само малата општина Зрновци си го посака стариот градоначалник Блаже Станков. Сам тој ќе си го тера третиот мандат. Сите други ќе си чекаат некоја нова прилика. Ако им биде дадена.
Граѓаните од третата изборна единица не се „запалија“ и „залепија“ на пароли од типот „Не ја даваме Македонија“…Луѓето оваа порака на градоначалниците ја прочитаа како „Не ја даваме фотелјата“. Затоа народот реши да им покаже и докаже дека тој, народот е оној кој одлучува чија ќе биде фотељата.
Ова може да биде многу поучно и за новите градоначалници. Тие мора да сватат дека фотеља им дава, фотеља им зема само народот. И никој друг. Без оглед дали кон народот ќе испраќате огнени пароли од типот дека не ја давате Македнија, тој ќе ја препозна вашата вистинска порака. И адекватно ќе ви одговори.
Како и во овој случај.