Фалангата со закани дека нема да дозволи Брегалница да игра во Штип

Штип, 07.08.2017

  • Итно префарбајте ги столчињата на Градскиот стадиoн во клубската сино-бела боја, или во Штип нема да се игра фудбал, рече претставникот на навивачката група Фаланга на денешната трибина посветена на лошите состојби, а уште повеќе на перспективите на ФК Брегалница
Коцевски во име на Фалангата: или сино-бела боја на столчињата на Градскиот стадион или Штип фудбал нема да види...
Коцевски во име на Фалангата: или сино-бела боја на столчињата на Градскиот стадион или Штип фудбал нема да види…

Навивачката група на штипска Брегалница, познатата „Фаланга“, денес се закани дека ако ургентно не се префарбаат столчињата на Градскиот стадион, во Штип нема да се игра ниту второлигашки фудбал каде се „смести“ штипскиот фудбалски миленик.

„Сино-белата е вековна боја на нашиот фудбалски клуб. Не ни е познато кој одлучил столчињата на Градскиот стадион да се офарбаат во жолто-црвена боја, на од првиот ден кога тоа се случи ние укажуваме дека тоа за нас е неприфатливо. Баравме и бараме под итно да се префарбат столчињата, во спротивно ќе следат санкции од наша страна“, рече Ален Коцевски, еден од водачите на Фалангата.

Што би направила Фалангата ако нивниот глас не биде уважен од оние до кои е испратен?

„Ќе спречиме одигрување на фудбалски натпревар на Брегалница во Штип. Имаме стратегија како тоа да го направиме. Нашиот миленик нема да игра во сопствениот град, на сопствениот стадион се додека на верната штипска публика не и се овозможи да си седне во столчиња кои ќе бидат во знакот на боите на клубот. Сино-белата боја е наша, штипска спортска легитимација, наша гордост“, појасни Коцевски.

Тој тоа го изјави на денешната трибина посветена на состојбите, а уште повеќе на перспективите на ФК Брегалница. Трибината беше во организација на Оштинската организација на СДСМ, но во двочасовната дебата јасно беше препознаен нејзиниот граѓански карактер.

Според најпознатиот штипски спортски новинар Кирил Манев, добро е тоа што во првото коло Брегалница игра во Турново, а на својот стадион ќе се појави дури во првата недела од идниот месец кога дома ја пречекува Победа од Валандово.

„Фалангата е во право, секој клуб на светот држи до традицијата, до своите бои по кои е препознатлив дома и во светот, има време столчињата да си ја добијат бојата која ја посакуваат навивачите и која и личи на Брегалница“, тврди Манев.

Брегалница во првото коло од Втората лига игра во Турново, а на 2 септември е домаќин на Победа од Валандово. Дали до таа дата ќе се смени нешто со бојата на столчињата на Градскиот стадион или Фалангата ќе спречи одигрување на натпреварот, ќе се знае тогаш. Инаку, според Коцевски, Фалангата има 1.800 членови со членска книшка.