Штипјани се однесуваат како Отиња да е Дунав!

Штип

 Штип, 15.04.2018

  • Разговор со хрватскиот актер и режисер Стојан Матавуљ кој викендов гостуваше во Штип и на штипјани им донесе многу смеа и добро расположени со монодрамата „Лупење на мозокот“

„Кога ќе ми се јават од Штип за да гостувам во градот, прво помислувам на драгите луѓе со кои имав чест и задоволство да споделам бесценети мигови од својот живот. Со задоволство доаѓам во Градот под Исарот зашто тука секогаш ми е преубаво“.

Ова, во интервју за Штипски Глас и за istokpress.mk го вели Стојан Матавуљ, актер и режисер од Вараждин. Тој викендов имаше прекрасен настап со сатирична монодрама која до солзи насмеа над 400 штипјани кои дојдоа во големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ на средбата со него и неговиот хумор и сатира, на теми кои беа и останаа вечно актуелни на овие простори. Теми кои публиката одлично ги препознава зашто се дел од нивните животи. Ваква голема посетеност на една монодрама не паметиме во последните триесеттина години! Домаќин на актерот беше Заедницата на хрватите во Штип предводена од Долорес Петров Кашуба.

Матавуљ (десно) со Кацаров чиј текст го има поставено на сцената на Вараждинскиот театар
Матавуљ (десно) со Кацаров чиј текст го има поставено на сцената на Вараждинскиот театар

„Работата е таа која на еден позитивен начин ги спојува луѓето, која создава нови пријателства. Мене во Штип во 2009 година ме доведе токму работата,. Таа година, за Штипско културно лето, во тукашниот Народен театар, ја режирав „Отворач за конзерви“ со Вратеовски и Тулиев во единствените две улоги. Направивме одлична работа за што потврда е фактот дека претставата се играше на многу фестивали во Македонија и во странство, секаде беше одлично прифатена. Тоа беше така зашто претставата прекрасно комуницира со публиката. Ова ми е десетто доаѓање во Штип“, се присетува на својата „прва љубов“ со Штип гостинот од Вараждин.

Му предочуваме на Матавуљ дека во Штип одамна немало толку многу публика на една монодрама како што имаше публика на неговата „Лупење на мозокот“. Матавуљ има одговор и за тоа. Вели: „Ние од театарот во Вараждин не сме страдни за публика, кај нас публика има. Но, ако некаде ја нема, тогаш мора да се знае дека не е до публиката, до театарот е. Сепак, морам со радост да кажам дека за време на мојот настап во Штип бев мошне изненаден од бројноста на публиката. Тоа говори дека штипјани го сакаат театарот, дека имаат однос кон културата, што е за посебен респект“, вели Матавуљ.

Секој град, мал или голем, е граден покрај некоја река. Мене не ми е јасно зашто Штип е лоциран покрај река чие корито е – суво! Сепак, да бидеме на јасно, мене ми е прекрасно тоа како животот на една локална заедница се одвива од двете страни на едно суво речно корито. Луѓето спокојно си шетаат покрај него и се однесуваат како нивната река Отиња да е Дунав. Тоа е фасцинантно!

Задоволен е од остварената синергија со гледачите, од тоа како штипската публика ги препознала најбитните места во текстот на кои најслатко се смеела, посебно во деловите од монодрамата во кои авторот и актер се исмева со нашата митоманија во која живеат сите народи на Балканот.

„Ценам дека ние, балканците, сме најдуховити луѓе на светот, инаку не би издржале толку векови под разни „покровителства“ и пак да си останеме свои на своето“, вели соговорникот.

Во кариерата, со свои монодрами, настапувал во сите држави од поранешна Југославија. Имал помеѓу 250-300 настапи.

За Штип и Вараждин вели дека се „тука некаде“. Градовите имаат по околу 47.000 жители, и  Вараждин како и Штип е царство на текстилот. И двата града си имаат театри, медиуми, реки кои течат низ градовите…

„Секој град, мал или голем, е граден покрај некоја река. Мене не ми е јасно зашто Штип е лоциран покрај река чие корито е – суво! Сепак, да бидам на јасно, мене ми е прекрасно тоа како животот на една заедница се одвива од двете страни на едно суво речно корито. Луѓето спокојно си шетаат покрај него и се однесуваат како нивната река Отиња да е Дунав! Тоа е фасцинантно“!-констатира хрватскиот уметник кој како мал живеел покрај голема вода (Јадранско море) односно во Сплит, па по дипломирањето на Театарска академија во Загреб станал жител на Вараждин во чиј театар работи.

Вели дека му било драго што имал можност во својот матичен театар да постави драмски текст на штипскиот драматург Трајче Кацаров. Кога му кажавме дека интервјуто со него ќе биде објавен во Штипски глас, штипски месечник и во интернет порталот истокпрес, „високиот“ гостин (192 сантиметри висок, 117 килограми тежок)  рече дека е тоа прекрасно сознание.

„Град кој има весник го има сето право на овој свет себеси да се нарече град. Вараждин има два неделника, три интернет портали, една телевизија и повеќе радија. Граѓаните имаат можност да примат информации од разни медиуми и сами да носат суд за нивниот квалитет и вистинитост“, коментира Матавуљ за на крајот од интервјуто да заврши на ваков начин:

„Имаме многу медиуми, а малку вистина во нив. Кај нас, во Хрватска тешко ќе можеш да си го препознаеш своето интервју, најчесто во него го има она кое ти не си го кажал, нешто за кое уредништвото сметало дека е поисплатливо да се направи тиражна информација. Се надевам дека Вие ќе бидете коректни,белким не сте како нашите новинари“, ни рече Стојан Матавуљ.

Иван Бојаџиски