Штип, 05.04.2023
Штипјани се благословени што им се пружа можноста да проследат спектакуларен Велигденски концерт на Државното средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“, а во соработка со Ротари клубот Штип. Концертот е закажан за 20 април во 20 часот во големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ и е од донаторски карактер
По тој повод денес на прес конференција обраќање до јавноста имаа претставниците на училиштето и на Ротари клубот.

-Со ваков концерт по повод големиот христијански празник Велигден тргнавме пред четири години, но потоа дојде време на пандемија од Ковид 19 и традицијата се прекина. Годинава сме во можност да продолжиме и на иницијатива на Ротари клубот Штип ги вршиме последните подготовки пред концертот. Овој концерт е од огромно значење за нашето училиште и за учениците во него, а очекуваме да се собере пристојна сума на донирани средства кои ги наменуваме за купување на народни инструменти и народни носии за потребите на училиштето, рече м-р Горан Кавраков, директор на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“.
Д-р Борислав Манев, претседател на Ротари клубот Штип посочи дека парите од влезниците кои ќе се продаваат по цена од 250 и 300 денари и од донаторите ќе „легнат“ на сметка на училиштето. На влезот од салата ќе бидат поставени и кутии со донации. – „Очекуваме кон оваа добротворна активност да се приклучат поголем број стопански фирми, институции, поединци, а членови на нашиот клуб собраниот износ од донаторите и влезниците ќе го дуплираат со свои донации, рече Манев.
Пред присутните новинари се обрати и Илија Ќосевски, професор по народни инструменти кој е одговорен за квалитетот на програмата:
-Сакам да појаснам дека на програмата ќе бидат исклучиво македонски народни песни кои за симфонискиот и за народниот оркестар ги аранжираа наши професори. Цениме дека нашата народна музика и песна во ерата на овој тнр. „модерен свет“ се потиснати на маргините, а наша задача е да им дадеме простор и да ги негуваме што е можно писилно и почесто зашто нашиот национален фолклор го заслужува тоа, рече Ќосевски.