ШТИП: Доделени орденот „Свети Никола“  и признанијата „19 Декември“

- Бочварски, Петровиќ (мајката на Наташа), Ангелов, Николов, Арсова

Штип, 18.12.2017

  • Орденот „Свети Никола“ постхумно му е доделен на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров а го прими неговата ќерка Донка Глигорова. Признанијата „19 Декември“ им беа доделени на Трајан Ангелов, стопанственик, Бобан Николов, фудбалски репрезентативец и актерките Сања Арсова и Наташа Петровиќ.
Бочварски со Донка Глигорова, ќерката на Киро Глигоров
Бочварски со Донка Глигорова, ќерката на Киро Глигоров

На свеченоста во соборниот храм „Свети Никола“ во Штип, беа доделени орденот „Свети Никола“ и признанијата на видни граѓани кои придонеле за успехот и угледот на градот на разни полиња од неговиот живот. Орденот „Свети Николеа“ постхумно му е доделен на Киро Глигоров, првиот претседател на Република Македонија. Признанијата „19 Декември“ ги добија Трајан Анѓелов, директор на Квенбергер Логистик Македонија, фудбалскиот репрезентатице Бобан Николов и актерките Сања Арсова и Наташа Петровиќ.

Говорејќи на свеченоста, градоначалникот Благој Бочварски порача дека штипјани мора да научат да ги ценат вистинските вредности, да им дадат почит на вистинските патриоти и херои.

„Затоа, чест ми е што одличјето Орден Свети Никола постхумно му го доделуваме на првиот претседател на Република Македонија, нашиот сограѓанин, Киро Глигоров. Претседателот Глигоров беше демократ којшто во својата долга и плодна политичка кариера секогаш се залагаше за толеранција и искористување на придобивките на здрав политички дијалог. Не само што ја означи сувереноста и самостојноста на Македонија, туку и искрено и напорно работеше нашата земја да биде интегрирана во сите релевантни меѓународни организации. Неговите бројни походи по македонски успеси во светот беа ослободени од национализам, а посветени на мирот и пријателството, сѐ со цел за меѓународно етаблирање на македонската држава.

За неговата посветеност и желба да се исправи Македонија на нозе, говори и фактот што на претседателска функција стапува на негови 73 години, после долга, плодна и полувековна политичка кариера во Белград. Претседателот Глигоров одлучил да ја жртвува спокојноста што би му ја донеле неговите пензионерски денови, за да ги постави институционалните темели на самостојната македонска држава и да ја исправи нашата држава на прав пат. Од тешкиот процес на разидување на републиките на СФРЈ, Македонија е единствена земја што излезе без ниту еден испукан куршум, а заслугите за тоа се во целост негови“, рече Бочварски.

Претседателот Глигоров заслужува многу повеќе од пригодно сеќавање на значајните датуми. Како негови сограѓани, имаме должност да ги зачуваме од заборав неговите големи достигнувања, да покажеме доблест и капацитет да му го обезбедиме вистинското место во историјата на нашата земја“, гласеше пораката на штипскиот градоначалник.

Тој во својот говор посочи дека нема поголем доказ за патриотизам од тоа да се жртвуваш за да спречиш изолирање на државата и истовремено да обезбедиш мир за своите сограѓани.

„Кога од оваа временска дистанца ја оценуваме и вреднуваме работата на претседателот Глигоров, можеме без сомнеж и колебање да кажеме дека секогаш постапувал мудро, рационално и добро обмислено, како вистински државник. Заради неговата дипломатска, политичка и државничка умешност, Македонија не е недефинирана територија, туку членка на ООН и на бројни други важни меѓународни организации, а со реални можности за што поскоро интегрирање и во НАТО и ЕУ. Времето покажа дека за овие негови заложби, претседателот Глигоров бил целосно во право“, посочи Бочварски.

Градоначалникот на Штип истакна дека претседателот Киро Глигоров е историска фигура со огромни заслуги, за коишто, што и да направиме, ќе биде малку за да му се оддолжиме и заблагодариме. Но, мораме активно да работиме на одржување на споменот на патриотизмот, храброста, мудроста и решителноста на човекот со највпечатливата биографија во современата македонска историја. Таа должност ја имаат сите граѓани на Република Македонија, а особено ја имаат штипјани.

“Дипломати и политичари од други земји сѐ уште прикажуваат за позитивните ефекти од работата на архитектот на самостојна Република Македонија. Со тоа треба да се гордееме, но и со сопствен пример да покажеме дека ние најмногу го цениме, затоа што така е редот, така доликува. „Македонија е сѐ што имаме,“ велеше претседателот Глигоров. А, за да го зачуваме тоа што го имаме, ние мораме да се однесуваме со достојна почит кон личноста којашто го одбележа најзначајниот период на современата историја на нашата земја. Ако држиме до себе, тогаш не смееме да ја натпишуваме историјата, ниту пак да се однесуваме како таа да почнува од нас. Претседателот Глигоров заслужува многу повеќе од пригодно сеќавање на значајните датуми. Како негови сограѓани, имаме должност да ги зачуваме од заборав неговите големи достигнувања, да покажеме доблест и капацитет да му го обезбедиме вистинското место во историјата на нашата земја“, гласеше пораката на штипскиот градоначалник.

Во името на покојниот претседател Киро Глигоров орденот го прими неговата ќерка Донка Глигорова.