ШТИП: Какви пресови држат политичките партии и зошто медиумите трчат да не испуштат ништо (не)вредно?

Пишува: Иван Бојаџиски

Штип, 01.09.2021

„Денес 01.09.2021 година, во 12:00 часот, кај локалот Урбаниста, прес конференција ќе одржи ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип, на која ќе се обрати…ве покануваме да го проследите пресот“…

Ова е денешно сопштение на опозициската политичка партија за прес конференција. Два часа подоцна ќе можеме да го видиме и одговорот на овој прес на владејачката СДСМ.

Ништо ново, нешто на што се навикнавме сите овие години.

Но, треба ли редакциите, уредниците да испраќаат своие екипи баш на секој прес кој им го приредува било која политичка партија?

Мое мислење дека не треба да го прават тоа. Прво, никаде во светот не се оди на прес конференција, посебно на партиска, ако не се знае што ќе биде темата на пресот. За што ќе говори партискиот репрезент, дали таа тема која партијата сака да ја изложи пред граѓаните има пошироко општествено значење или не? Тоа медиумите мора да го знаат однапред за да донесат одлука дали ќе одат или нема да одат на прес конферекцијата, која по обичај трае две до три минути.

Колку јавноста да знае дека партијат си тера некоја своја предизборна агенда, посебно сега пред локалните избори.

Вториот елемент зашто не треба да се оди на секој прес (во 90 проценти случаи пресовите не заслужуваат медиумско внимание) е во фактот дека медиумите трошат ресурси – новинари, сниматели, монтажери па и најскапиот ресур времето и етерот, а за следење на прес конференциите не добиваат ниту скршена пара (освен ако нешто не оди под рака), инкогнито). Сите медиуми кај нас се приватни, а јас не познавам некој од другите приватни сфери кој би работел без пари, а за доброто и интересот на некој друг.

Во 2007 година бев гостин на Хрватското новинарско друштво (ХНД). Во нивниот дом во Загреб видов покана за прес конферренција. Таа буквално изгледаше вака:

„Нашата инстиуција изработи проект за чист Загреб. Проектот предвидува сто возила, 200 нови вработени, активација и на граѓаните…Целта ни е да имаме почист град. Во моментов, според нашите истражувања, само 56 проценти од жителите на Загреб се задоволни од нивото на комуналната хигиена во градот, а ние сакаме и мораме да го поправиме тоа. Ако Вашиот медиум цени дека ова се прашање од општ јавен интерес ве очекуваме на прес конференцијата која ќе се одржи кај….во 12 часот. Отворени сме за сите Ваши прашања на темата“, стоеше во поканата.

Таква покана за прес тука сеуште не сме виделе. Кога веќе е така одењето на вакви прес конференции на било која партија (а ги прават само двете најголеми) е само итроштина на партиите за бесплатен, а скап медиумски простор на што медиумите наседнуваат…

Тоа, според мене, треба да се менува. Под инто….Море под најитно!