Штип, 02.06.2022
„Исклучително сум задоволен од динамиката со која се гради браната на реката Отиња во Општина Штип. Во моментов во делот на темелот се работи на левиот и десен брег, а паралелно со тоа ќе се работи на опточниот цевковод кој е со профил од f.1.700 и е долг 165 метри“. Ова го рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при неговиот денешен увид во активностите на браната.
Бочварски уште еднаш потенцира дека овој проект финансиски целосно е поддржан од Владата преку Министерството за транспорт и врски.
-Вкупната инвестиција за изградба на браната е 306 милиони денари. Но, не е само браната проект на кој силно се посветени Владата и Минстерството за транспорт и врски, зашто и на терен убаво се гледа дека се реализираат бројни капитални објекти кои како проекти се финансирани од државниот буџет. Така, во Општина Штип, преку проект за поврзување на локални улици и патишта инвестираме во изградба на пет локални улици во градот со што значајно се подобрува сообраќајот и се зголемува безбедноста на граѓаните и учесниците во сообраќајот. Очекуваме до крајот на месецов да биде завршена и крстосницата во населбата Сењак, посочи Бочварски.
Министерот информира дека и работите на експресниот пат Штип-Кочани се одвиваат според зацртаната динамика и вети дека овој експресен пат ќе биде отворен за сообраќај оваа есен.
-Овој месец очекуваме да се започне со поставувањето на оградата на левиот брег од реката Отиња, а во тек е избор на компанија која оваа ограда ќе ја гради, а средствата ги обезбедува Министерството за транспорт и врски. Оградата ќе се поставува од управната зграда на ЈП Исар па се до вливот на реката Отиња во реката Брегалница, појасни министерот Бочварски.
Тој потенцираше дека годинава нашата држава е големо градилиште , дека целата расположива механизација е на терен низ целата држава, и дека тоа е резултат на фактот дека годинава имаме најголем буџет за изградба на патишта и за модернзација на патната инфраструктура.