ШТИП: Наместо карго аеродром Штип и регионот добиваат соларен парк кој ќе ги задоволува потребите од струја на 94.000 семејства

Штип, 07.12.2021

На местото на кое требаше да се гради карго аеродром, кај селата Ерџелија и Мустафино во општина Свети Николе и селото Врсаково, штипско, ќе се гради соларен парк. Планот за ваква градба беше презентиран денес во Владата.

Според проектот соларниот парк ќе ги задоволува потребите од струја на 94.000 домаќинства. Владата оваа инвестиција ја смета за стратешка а нејзината вкупна вредност е 270 милиони евра.

Соларниот парк ќе го гради француската компанија „Акуо Енерџи“ ќе го гради овој соларен парк, а инвестицијата ќе се реализира преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје. Претходно за реализација на оваа инвестицијата ќе се подготви закон за кој најавите се дека ќе биде донесен во првиот квартал од 2022 година.

-Очекуваме првите количини електрична на енергија да протечат кон домаќинствата во 2023 година, додека целата реализација на проектот се очекува до крајот на 2024 година, рече на промоцијата премиерот Зоран Заев.

Од овој соларен парк производството на електрична енергија е проценето на околу 650 гигават часови на годишно ниво, што претставува 16 проценти од годишното производство на струја од АД ЕСМ.

На промоцијата присуствуваше и Ерик Ското, претседател на француската компанија „Акуо Енерџи“. Тој нагласи дека уште од денеска нивните екипи ќе работат заедно со македонската администрација за да се реализира проектот.

Во нашата дрѓава проценките се дека на годишно ниво има просечно 266 сончеви денови, а Македонија се смета за сончева земја во кој искористеноста на овој ресурс е занемарлива.

Соларниот парк ќе го носи старото име на Штип – Стипион.