Штип, 21.03.2018
Штип може да ги започне подготовките за изградба на новата детска градинка во најживата и со народ најмлада урбана заедница „Сењак“. На вчерашната седница Владата на Република Македонија на општина Штип му го додели на трајно користење земјиштето на кое ќе се гради градинката која актуелната локална власт ја најави во предизборието.
Нова детска градинка на регионалниот центар му е одамна потребна зашто анализите говорат дека близу 200 дечиња чекаат на квалитетно сместување и престој во градинка. Тоа ќе значи и одмор за нивните баби и дедовци кои, кога нивните родители се на работа мораат да ги чуваат зашто друго решение не постои. Половина од децата кои чекаат на сместување во градинка и по сите стандарди се токму од населбата „Сењак“ на која и се блиски и населбите „Дузлак“, „Баби“, „8 Ноември“…
Штип во последните 30 години не изградил нова градинка за децата, а ова ќе биде прва инвестиција во градот со околу 45.000 жители во годините на самостојноста на нашата држава.
Новата градинка ќе биде со капацитет од 150 деца, а нејзината изградба се очекува да започне пролетва.