ШТИП: Советниците од ВМРО ДПМНЕ ја бојкотираат работата на комисиите
Штип, 28.11.2017
Советниците од ВМРО ДПМНЕ , членови на Комисијата за обрзование и на Комисијата за спорт вчера и денес ја бојкотираа работата на овие помошни тела на Советот на општината. Сепак тоа не беше пречка седниците да се одржат зашто СДСМ и коалицијата имаат мнозинство во сите комисии, па и во спомнатите.
Познат е фактот дека на првата работна седница на Советот на општината советничката опозиција изрази незадоволство од составот на комисиите. Тие проценија дека во комисиите не била почитувана правичната (бројчaна) застапеност согласно изборниот резултат. Од владеачкото советничко мнозинство добија одговор дека математика не им е точна и дека соодносот во комисиите е согласно изборниот резултат кога граѓаните на Штип му дадоа доверба и на Советот и на институцијата градоначалник преку изборот на Балагој Бочварски на најважната градска функција.
Комисијата за спорт ќе расправа за Програмата на ФК Брегалница кога од раководството ќе достават и финансиска програма и кога ќе понудат исцрпен извештај за работата во тековната година, за потрошените пари и за остварените резултати.
На вчерашната седница на Комисијата за образование беа усвоени програмите за работа на три средни училиша, додека комисијата одлучи да не расправа за програмата за работа на СОУ “Јане Сандански“ (Медицинско училиште) бидејќи од истото немаше претставник кој би ја образложил програмата.
Денеска Комисијата за спорт исто така одлучи да не води расправа по програмата за работа на ФК Брегалница, бидејќи на истата не дојде никој од клубот како известител. Комисијата побара од раководството на Брегалница за наредната седница да обезбеди претставник, да достави извештај за работата на клубот во тековната година и за потрошените пари, а со Програмата за работа да достави и финансиска програма која денес ја немаше.
За утре е закажан состанок на Комисијата за култура, но и на некои други комисии, за кои исто така е најавено дека советниците од ВМРО ДПМНЕ нема да присуствуваат на истите. Голема е веројатноста дека до 7 декември, кога треба да се одржи седница на Советот на општина Штип, опозициските членови на комисиите нема да учествуваат во нивната работа.