ШТИП: Утре точно на пладне цел град на плоштад, по четири години настапува Дувачкиот оркестар

Штип, 23.05.2022

Градскиот дувачки оркестар утре точно во 12 часот ќе одржи концерт на Градскиот плоштад „Слобода“. Концертот е по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

На денешната прес конференција одржана на местото на кое утре ќе биде концертот на маршеви и чекорници, Горан Трајков, директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ информира дека овој настан е во организација на најголемата културна институција  во регионот-штипскиот Центар за култура, финансиски подржан од Министерството за култура.

-Штип има средно музичко училиште познато и на еден поширок простор, има и Музичка академија при Универзитетот „Гоце Делчев“, градот има големи музички имиња и редно беше, по пауза од четири години штипјани да го видат Градскиот дувачки оркестар и да слушнат што сé тој може. Гарантираме прекрасно музичко уживање на еден исклучителен ден каков што е 24 мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, рече Трајков и потенцира дека по концертот на плоштадот оркестарот ќе продолжи кон Домот на култура каде на платото пред домот ќе одржи нов концерт.

Последен настап Градскиот дувачки оркестар во Штип имаше пред Новата 2018 година со марш од зградата на општината до Градскиот плоштад и концерт на него.

Во секој случај убаво е утре цел град да дојде на плоштад и на тој начин да му се даде една нова енергија на оркестарот.