ШТИП: Фабрика ќе има, за работници ќе се прашаме

Штип, 13.01.2023

Најавена е изградба на нова фабрика во технолошко развојната индујстриска зона во Штип. Според Jован Деспотовски, директор на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, интерес за ваква инвестиција најавила голема компанија од Сверна Америка.

Ангел Димитров
Ангел Димитров

„На овој начин во новата фабрика која ќе се гради во ТИРЗ кај Штип ќе се отворат околу 2.000 нови работни места“, рече Деспотовски. Тој не објасни за каква индустрија се работи, дали е пак нешто од текстилната сфера на што Штип е навикнат, но само кажа дека подетални информации ќе бидат дадени за десеттина дена.

Убаво е тоа што ќе се гради нова фабрика но големо прашање е како да се најдат работници за неа. Имено, на Бирото за вработување во Штип како невработени се регистрирани одвај 2.000 лица. Најголем дел од нив се со несоодветно образование и старосна структура. И сите да се пријават за работа прашање е колку од  нив ќе го поминат најнискиот праг за работа во фабриката, без оглед  што таа ќе произведува.

Мошне голема е веројатноста дека одново ќе се случува големата преселба на работната, пред се млада сила во Штип, посебно од текстилнитен фабрики, што е процес кој во Градот под Исарот не е непознат. Се ќе зависи од парите (платите) кои на заинтересираните ќе им бидат понудени.

ДВОЕН АРШИН …Кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт СДСМ ја критикуваше политиката на привлекување на странски инвеститори со неверојатни финансиски бенефиции за нив. Сега кога СДСМ е на власт се фали со секоја нова донесена странска инвестиција под исти услови. Ние, домашните инвеститори, не бараме ништо повеќе од ист третман. Нека и странците си ги плаќаат сите давачки како што тоа го правиме ние, а не да опстојува со децении тој двоен аршин, па тогаш нека се отвораат колку сакаат фабрики, вели Димитров.

За недостигот од работна сила, квалификувана и млада посебно, и за односот мајка/маштеа  на државата кон странските и домашните инвеститори се изјасни и Ангел Димитров, сопственик на конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.

-И текстилната индустрија мака мачи со недостиг од работници, па не е јасно од каде ќе се најдат 2.000 млади и способни за работа лица. Ние имаме нарачки кои не можеме да ги прифатиме бидејќи немаме работници. Шведската марка „Итон“ се јави кај нас со нарачка за шиење на 100.000 кошули, но немаме работници, и не сме во можност позитивно да одговориме на оваа понуда за работа, ни рече Димитров, кој е и претседател на Советот на организацијата на работодавачи при Стопанската комора.

Димитров смета дека работите со привлекувањето на странски инвестиции не одат во добра насока пред се поради тоа што странските инвеститори имаат огромни привилегии за кои домашните не можат ниту да сонуваат.

-Кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт СДСМ ја критикуваше политиката на привлекување на странски инвеститори со неверојатни финансиски бенефиции за нив. Сега кога СДСМ е на власт се фали со секоја нова донесена странска инвестиција под исти услови и со големи бенефиции како и порано. Ние, домашните инвеститори не бараме ништо повеќе од ист третман. Нека и странците си ги плаќаат сите давачки како што тоа го правиме ние, и тогаш нека се отвораат колку сакаат фабрики. Вака, и ако се отвори новонајавената фабрика во Штип странскиот инвеститор работната сила ќе ја бара пред се од нашите, домашни текстилни капацитети,а тие ќе можат да дадат повисоки плати бидејќи немаат никакви финансиски обврски кон државата. Во такви услови не станува збор за зголемување на вработувањето зашто работната сила само се сели од една во друга индустрија, а така ќе биде и во овој случај, вели Димитров.