ШТИП: Четворица кандидати за градоначалник, 161 кандидат за советник ќе ја бијат битката за новата локална власт

Штип, 15.09.2021

Политичката клима во Штип зоврива. Партиите и коалициите учесници во изборите за нова локална власт кои ќе се одржат на 17 октовмри, годинава, го „шпартаат“ теренот и на гласите им ги нудат своите проекти.

Засега само едно е јасно: Како никогаш досега е голем бројот на кандидати за градоначалници и советници кои љубат да го водат градот и општината во перидот до 2025 година.

Имено, на кандидатската листа за градоначалник на регионалниот центар на Источниот регион се наоѓаат четири имиња. Тоа се д-р Сашко Николов од СДСМ и коалицијата, кој е и актуелен градоначалник, Иван Јорданов од ВМРО ДПМНЕ,доскорашен пратеник, коалицијата на ДОМ и ЛДП која ќе настапува под името „Одлучно за промени“ чиј кандидат за челната градска функција е Ванчо Санев, поранешен советник, и Симон Поликарп-Џими како кандидат на партијата „Интегра“ кој оваа битка ја биеше и на предвремените избори за градоначалник на Штип..

Гласачкото тело на Штип кое брои околу 41.000 избирачи, ќе има можност да избира од седум советнички листи на кои се испишани имињата на 161 кандидат за советник.

Со свои листи на изборите настапуваат: СДМ и коалицијата чија листа ја предводи д-р Александар Мишев, офтамолог, ВМРО ДПМНЕ со коалицијата и д-р  Влатко Захариев, специјалист неврохирург како носител, коалицијата „Одлучно за промени“ со носителот Мартин Каровски, специјалист по рефлексотерапија, Интегра чија советничка листа ја предводи Душко Мицов, Сојузот на роми со Ферат Мачев-Лаш на првата позиција, Левица, која за свој бренд ја зеде Сенада Ибраимова , и ТМРО со Лазар Наумов како носител.

На сите листи има кандидати за советници од разни профили: доктори, економисти, правници, пензионери, млади партиски активисти. Сепак, видно е отсуството на кандидати за советници од бизнис секторот. На кого штипјани ќе му ја дадат довербата да има мнозинство и со тоа да биде предводник во локалниот парламент ќе се знае на 17 октомври пред полноќ.