Ѓаволскиот ѕид и големата, подземна река во Овчеполието

Свети Николе, 06.01.2018

Зад ридот Богословец, во близина на Брегалница, најголемата река во источна Македонија, од памтивека стои мегалитската градба која народот ја именува како Ѓаволски ѕид. Легендата која се пренесува од колено на колено го говори следново.

Ѓаволот решил да го потопи Свети Николе така што ќе го пренасочи коритото на реката Брегалница кон градот. Решил тоа да го направи во текот на само една ноќ. На тоа му се спротивставил Господ Бог. Тогаш ѓаволот понудил опклада: ако не успее да го смени текот на реката додека не запее првиот петел, а првите петли се јавуваат со првата зора, тогаш тоа нема да го направи. Господ Бог ја прифатил опкладата.

dsc03702Вечерта, кога паднал првиот мрак ѓаволот започнал да го гради ѕидот за да ги насочи големите речни води кон Свети Николе. Господ Бог видел дека ѓаволот ќе си ја заврши работата пред зори па си мислел што да направи да го спаси градот. Во еден миг шетајќи низ селото Богословец согледал петел како дреме, го шутнал со ногата, петелот закукуригал и ѓаволото ја изгубил опкладата. Свети Николе било спасено, а денес е тоа едно модерно градче, општински центар на Овчеполието.

Така некако гласи легендата за Ѓаволскиот ѕид, една неверојатна градба од огромни камења натрупани еден врз друг. Нешто што човечка рака, во дамнешни времиња, тешко дека можела да направи.

Легендата вели дека Господ Бог го надмудрил ѓаволот кој го градел Ѓаволскиот ѕид за да ја пренасочи Брегалница да го потопи Свети Николе. Пред четири години научници открија голема подземна река под Овчеполието. Имаат ли нешто заедничко легендата и науката?

Можно е оваа приказна/легенда да си доби свое продолжение во 2014 година. Во месец март екипа научници од Хрватска, Србија, Бих, Италија, Финска и Македонија, на иницијатива на хрватскиот научник Домагој Николиќ, дојде во Свети Николе за да изврши истражување на тумбата над селото Црнлиште. Верувањата беа дека под таа тумба е можно да се наоѓа гробот на Александар Маќедонски.  По тридневно испитување, во кое беше користена софистирана опрема вредна 600.000 евра, тимот научници си замина. Подоцна јавноста беше информирана за тоа дека под тумбата сигурно нема гроб но имало нешто кое допрва требало да се истражува.

Она кое не беше објавено е дека скапата опрема открила дека под Овчеполието тече река поголема од Брегалница. Реката била на 50 метри под површината на земјата. Оваа информација ни ја кажа поранешниот градоначалник Зоран Тасев. Според Тасев, научниците му кажале за нивното големо откритие, а течението на подземната река било исцрано на карта.

Од тоа време поминаа четири години, но никој не направи ниту најмал обид, со само неколку бушотини што не бара некои поголеми финансиски средства, да ја утврди вистината за големата подземна река. Но, големото прашање е дали е тоа реката која ѓаволот сакал да ја насочи и да го потопи Свети Николе? Има ли некаква поврзаност помеѓу легендата за Ѓаволскиот ѕид и подземната река во Овчеполската рамница?

Од такви приказни, реални или не, светот прави туристички бум. Заработува пари. Многу пари. Ние чекаме. Што?