АМАНЕТОТ НА КОНЕСКИ: ЈАЗИКОТ НИ Е ПОСЛЕДНАТА ТАТКОВИНА!
Се пробудија, недоносените чеда на прататкото Блаже Коневски – МАНУ-ците крај матен Вардар!
На неколку дена, пред доагањето на “тешкашот” Коцијас од Атина, се пробудија недоносените чеда на прататкото Блаже Коневски – МАНУ-ците крај матен Вардар!
Отец Давид Нинов, епископ стобиски –ПОА, оставајќи простор и можност дека не е се така црно мегу МАНУ-ците (“воопшто не ја исклучувам можноста, поедини малубројни членови на МАНУ да ја имаат украсено оваа академија со своите имиња. Но, за жал, МАНУ не ги краси нив!”), во својата колумна: “МАНУ како ветроказ на општеството!”(“Слободен печат”, 15 март 2018), хируршки прецизно беше ја опишал состојбата во “Куќата на бесмртните!”.
Поприлично сознанија имам и самиот, од студентските денови наваму, од краткото скопско и подолгото охридско битисување, следејќи ги активностите на МАНУ-ците, во Скопје и во Охрид (“Куќата на Уранија”- местото на основањето на МАНУ).
И самиот сум пишувал за ветроказите од МАНУ, кои еден ден, треба да стојат надвор од политиката, за другиот- да и делат лекции на политиката! Во “Уранија”, лете, МАНУ-ците се предислоцираат од Скопје во Охрид, во ладовината и заветрината на охридскиот стрмец, пандан-спротивставеник на шпанскиот (наречете го и скопски) фуего. Академик Камбовски, во смисла на описите на Давид Нинов, како и од аспект на личното искуство, ми се чини како најсоодветниот!
Давид Нинов поставува многу суштински прашања околу постоењето, финасирањето, аирот (ќарот) од постоењето, монополот на оваа “заоставнина од комунизмот!”. Оди дотаму што отворено констатира и прашува: “Очигледно, во нашето општество, МАНУ служи само како ветроказ, кој секогаш се насочува на страната од која дува поволниот политички ветар! Зошто тогаш, луѓето на знаењето и акцијата, сѐ уште не формирале конкурентска академија на науки и уметности?!”- пишува Нинов.
Разбудени од “тешката артилерија” на Нинов, или пак од скорешната (денешната!) посета на “тешкашот” од Атина, МАНУ- ците се собраа, за да ги спротивстават аргументите околу двата акутни проблеми што си ги имаме – едниот создаден во Атина, нивни за нашето име, другиот од самите нас – во Скопје, околу Законот за јазиците.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити, се огласи со ставот дека име за севкупна употреба е невозможно и неостварливо.
– „Предлозите за името Република Македонија или евентуално име со географска одредница да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот македонски да се пишува со латинско писмо и да се пишува како во нашата држава, се апсурдни и неиздржани“, вели Фити.
Според неговотомислење, прифаќањето едно име за севкупна употреба, значи едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба, би значело промена на Уставот, промена на имињата на институциите и ревизија на сите меѓународни договори во кои се користи уставното име на земјата. Според тоа, додава тој, ваквото решение е невозможно и неостварливо.
Веќе сум приопштил дека Давид Нинов -интелектуалецот, поетот, возљубеното во Бога и заљубеното во нашата сјајна традиција и нашиот изворено – прекрасен македонски збор – Чедо, го читам редовно, темелно, задлабочено, порано глаголевме – со подвлекување!
Давид Нинов-свештеното лице, просторот го користи и за да “го оприсутнува неопходниот, но заборавен пристап на еклисиологијата – наука за црквата” (негови зборови од одговорот, полемиката, вкрстувањето на нашите взаемни мисли, искуства и сознанија, насловен: “Ако записникот е таен, како е јавно познат?”( Слободен печат“, 03. 02. 2018), како одговор на моја реакција на неговиот текст: „Да им нацртам за мајката и ќерката“ („Слободен печат“, 01. 02. 2018).
Нејсе, никогаш не е доцна за да се остави првиот впечаток, иако силни впечатоци, за МАНУ-ците носиме и од подалечните наши пресудни години, на пример 2оо1- та, кога предлагаа размена на територии: Oд Бога заборавениот Пустец и Мала Преспа (Албанија) за Рајските градини на Полог, по рецептите на Лубчо – со Б и сестра Доста: До Групчин и наваму! Ветроказите, навреме, се засолнија, а го оставија да гори на ветрометината-академик Ефремов!
Му забележувам на Давид Нинов (и отецот и интелектуалецот, а тој ќе ми прости, бидејќи и Севишниот си самопропишал должност да простува), што, во овој одбран момент (некои велат моментум!), мислам на тазе усвоениот Закон за јазиците и спорот со јужните соседи околу јазичните идентитети, не наброја барем неколкумина од оние “поедини малубројни членови на МАНУ кои ја имаат украсено оваа академија со своите имиња”. Инаку, целосно сум согласен со неговата опсервација дека “за жал”, денешните МАНУ-ци (ова додадено од мене) “не ги красат, имињата” на вистински “красивите!”. Моето јазично отклонување (застранување) со придавкава-описна, нека ми биде простено – во духот на македонско-бугарското приближување – световно и црковно!
Место него, јас ќе го наведам некогашниот “жив споменик во движење” (сега само паметник), Горостасот од Небрегово (ова како потсетување на криминалното џуџе кичевско-Милошовско!), мојот незаборавен и ненадминат професор Блаже Конески, повторно поради временскиот момент: Тазе усвоениот Закон за јазиците и спорот со јужните соседи околу јазичните идентитети.
Имено, токму сега, актуелно одзвонува мислата на нашиот професор пред нас студентите кажана пред речиси половина век: “Деца, бидете внимателни, носиме преубаво име, се плашам дека ќе ни го земат”!?Уште додаваше: Јазикот ни е последната татковина!
Конески беше и првиот претседател на МАНУ, односно на она што остана поради поведението на денешните МАНУ-ци: Зданието, кое го проектираше мојот сограѓанин, професорот Борис Чипан, од кое (само однадвор!) се чита кодот на македонската традиција и опстојност. Го молам Бога, на Зоран Заев, барем засега, да не му дозволи помисла да објавува некаков магистерски труд (во биографијата му пишува само дека е запишан на магистерски студии, на студиската програма – монетарна економија), кој МАНУ-ците (одвнатре – построени за потпис и посвета!) ќе му го промовираат во “храмот на партиски независната научна мисла!”, по веќе виденото сценарио со Груевски!
Да беа Латас и Ивонка сеуште “живи” во новинарството, први ќе дознаеа и ќе ја објавеја ексклузивната информација (видео материјалот) од “ивентот”, пред продавницата за гевреци, во Скопје. Од снимката се гледа и слуша како средовечен скопјанец, му приоѓа на Колета, наш, Груевски: “Уште пред МАНУ-ците знаев дека си магистрирал!” “Е ,од каде знаеше?”, го прашува Коле. “Еми, нели кај нас секој втор е магистер!”. “Види богати”, вели Коле: “A, од каде знаеше дека тој вториот сум токму јас?”. “Еми, кога не сум јас,тогаш мора да си ти”, му одговара баткава!!!
Во оваа прилика, толку за “македонцките работи”( “Macedonise custende” ), за кои Давид Нинов, ќе напише: “Периодов, не ретко, и со право се зборува за нестварно (може и нереално-м.з) големите патни трошоци на пратениците, за шундот од српски турбо фолк и сличните мизерии, кои го чинат нашето денешно општествено милје. Граѓаните се загрижени за расчистување со македонскиот примитивизам и самодоволност. Но, мизеријата има подлабок корен. Смрдежот доаѓа од главата, согласно на пословицата (Конески,можеби, би рекоил – поговорката- м.з), и тој повеќе не може да се сокрие. Насекаде мириса непријатно”.
(Крај)
ПС:
КОЈ ИМ ПОДМЕТНУВА ТРОЈАНСКИ КОЊИ НА ГРЦИТЕ?
Изговорот на грчките барања е нашиот божемен иредентизам поради користење на името Македонија. Поради тоа досега беа предлагани безброј имиња: хумористични и небулозни. Од петте предложени имиња за нашата земја што сега се вртат по медиумите три имиња звучат многу повеќе иредентистички од сегашното име на нашата држава…
Годинава, разговорите за името на нашата држава што му пречи на нашиот јужен сосед, после повеќегодишен застој се инензивираа, заради интересите на НАТО и спротивно на договореното во ООН, се претворија во преговори.
На сите им е јасна причината за негирањето на нашето име и идентитет од страна на нашиот јужен сосед кому всушност му пречи постоењето на македонскиот народ. Тоа најубаво се гледа од последните барања државното име да биде без превод и на македонски јазик, име кое освен словенските народи никој не ќе може да го изговори ниту да го разбере…( Почетен дел од текст-писмо од проф. др. Наде Проева, работено за New York Times).