БЕРОВО: Нема наредба, само замолница за „странците“ да не доаѓаат во Малешевијата за време на коронавирусот

Берово, 08.04.2020

Звонко Пеќевски, градоначалник на Берово
Звонко Пеќевски, градоначалник на Берово

Иницијатива на група граѓани од Малешевијата да им се ограничи движењето на луѓе од други места во овој преубав предел е законски неиздржана. На таканаречените „странци“, согласно сегашната законска регулатива во однос на справувањето со коронавирусот, може да им се упати само замолница за тие  засега, додека трае пандемијата, да си останат дома.

-Слушнав за барањето на групата граѓани која е главно од Пехчево со кое се бара на луѓе од други места да им се ограничело движењето низ нашиот крај. Сакам да појаснам дека она на кое ние имаме законско но и морално право е да ги замолиме лицата на кои Малешевијата им е посебно омилена дестинација во секое време од годината, овојпат да си останат дома заради доброто на сите. Ние, како локална власт, немаме никакви законски можности некому да му ограничуваме престој или движење низ нашите предели, за тоа си постои закон донесен од Владата, а наша обврка е тој закон сите да го почитуваме, вели Звонко Пеќевски, градоначалник на Берово и шеф на кризниот штаб во оваа општина.

Во Малешевијата, во Општина Берово главно околу Беровско езеро и во месноста Абланица има на стотина викенд куќи кои се сопственост на граѓани од Скопје, Штип, Струмица, Кочани, Куманово…Во општина Пехчево таквите имоти се во пределот Рамна река. Тие со своите семејства, најмногу во летниот период од годината, секој викенд го користат убавото време за живот во природа наместо во своите градови каде воздухот е загаден. Од нивното присуство профитира и малешевската економија. Дел од ваквите семејства се и отселени од родното место, но се работи за семејства кои си ги задржале своите куќи и станови во Берово и селата во општината па и тие секој викенд се враќаат на родните огништа.

Иницијаторите на идејата Малешевијата да се стави во еден вид самоизолација, бараат од локалните и државните власти на рок од 20 дена, кога, според нив се очекувал пикот на заразата, да се спречи влез во Малешевијата на луѓе (посетители, туристи), кои не се жители на Пехчево и Берово. Сето тоа да било под строг режим согласно препораките и предвидените мерки од надлежните, а да бидат опфатени сите луѓе кои се со пропусници поради работа во фирма или за дотур на стоки, а не се од Малешевијата.

Во овој крај засега не е евидентиран ниту еден случај на заболен од коронавирусот и по тоа Малешевијата е меѓу раритетните општини во државата.

-Како прв човек на Кризниот штаб во Берово со членови од штабот бевме во посета на нашите туристички населби Абланица и Беровско езеро, но таму бројот на лица кои имаат свои викендици можеше да се изброи на прстите од една рака. Луѓето сега си седат дома зашто се свесни дека само така можат да се заштитат себеси, најблиските а и сите останати со кои, евентуално, би можеле да дојдат во допир. Сепак јас ја користам и оваа прилика да ги замолам сите кои евентуално би имале намера да дојдат во нашиот крај тоа да го оставата за некое подобро време кое секако ќе дојде, вели Пеќевски.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе