Македонска Каменица, 03.09.2017
- Соња Стаменкова (49), дипломиран психолог и психотерапевт, е кандидатот на социјалдемократите за градоначалник на рударска општина која се смета за царство на мажите! Тука 20 години владее вемерето…Ќе го сруши ли сега една жена?
Како вистинска политичка бомба на истокот од државата одекна изборот на СДСМ на жена – кандидат за градоначалник на Македонска Каменица. Рударските места отсекогаш се сметале за царство на мажите, жените биле само домаќинки, службенички, работнички по конфекции и други фирми. Но, жена градоначалник, па уште и во град на рударите, е тоа е навистина сензација од прв ред.
Но, која е Соња Стаменкова?
Има 49 години и е дипломиран психолог и психотерапевт. Работи во приватната здравствена установа „Д-р Драги Фамили Медикал“ во родното градче. Ќерка е на рудар кој благодарение на старото пензиско решение за рударите, станал пензионер на 45,5 години и цели 27 години, во добро здравје си ја ужива пензијата заработена во една од најтешките професии за кои знае светот. Таа е самохрана мајка, нејината ќерка е студент по психологија на Меѓународниот Славјански Ууниверзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе.
За жителите на Каменица Стаменкова е голем борец која во политиката се вклучила за да ги промени работите на добро, како во нејзиниот рударски град исто така и во државата. Советник е во Општинскиот совет, во 2014 беше кандидат за пратеник, претседател е на Форумот на жени на СДСМ.
„Во Македонска Каменица може да биде подобро, да се живее многу поубаво, младите да си ја препознаат својата иднина, да можат да работат, да заработуваат и да создават семејства. Факт е дека во последните 15 години тука не се направи ништо за младите, се се сведува на рудникот „Саса“, малку кој од одговорните размислува дека и еден рудник си има свој животен век кој еден ден ќе заврши, па аналогно на тоа треба да се отвораат и други работни места, пред се во сферата на новите технологии каде до израз доаѓаат вештините и знаењата на новите генерации“, вели Стаменкова.
Ако го добие мандатот од сограѓаните, Стаменкова вели дека со помош на Владата предводена од СДСМ од корен ќе ја промени развојната филозофија на нејзината општина.
„Апсолутно е добро што го имаме рудникот зашто од него живеат луѓето и се развива општината, но да уредувате индустриска зона и да лажете дека во неа ќе сте имале фабрика за 200 работници, тоа е недопуштено. Па во Каменица нема толку народ за работа! Најголем дел од младите соочувајќи се со бесперспективност во последните 11 години заминаа во странство. Ние имаме млади, невработени, кадарни луѓе, поради тоа прашањето на нивното вработување ќе го решаваме идивидуално или најмногу со отворање на мали фирми од 10 до 30 вработени, секако со финансиска поддршка од Владата. Каменица нема добра инфраструктура и затоа никој не сака тука да гради, да инвестира…Сепак, ние ќе ја средиме индустриската зона, па ако се најде добар инвеститор, и ако има доволно млади кои останале во Македонска Каменица а кои ќе ги задоволат потребите на евентуалниот инвеститор ќе работиме тој проект да се оствари“, вели Соња.
Со изборот на СДСМ за жена – кандидат за градоначалник, многу очи ќе бидат вперени во Македонска Каменица и во тамошниот изборен процес. Зашто навистина би било голема работа една жена да го сруши бастионот на вемерето кој во тоа место е власт цели 20 години, односно од првите локални избори во 2006 година па до денес!