Штип, 17.04.2019
На 7 мај годинава, познатиот штипски уметник Боре Минов ќе биде почестен со отворање на изложба на 104 негови уметнички слики во новата галерија „Колорис Рамо“ во швајцарскиот град Клостерс. Почеста е голема зашто со изложбата на нашиот уметник всушност се означува и почетокот на работата на оваа галерија.
-Галеријата „Колорис Ранов“ е на Марјан Ранов кој потекнува од Скопје и кој претходно работел во македонската амбасада во Швајцарија, а сега е посветен на уметноста. Клостерс е град во близина на познатиот Давос во кој се одржува Светскиот економски форум, градот е на надморска височина од 1.200 метри и е во близина на Лихтенштајн, појаснува Минов.
Но, како се случи наш уметник да добие таква почест?
-Пред три месеци во мојата галерија во Штип влезе непознат човек. Започна да ги разгледува сликите и другите иметнички предметти, застана пред едно мое дело и ме праша дали сум јас негов автор на што дадов потврден одговор. Дури тогаш човекот ми се претстави како Марјан Ранов, галерист од Швајцарија, давајќи ми отворена понуда со изложба на мои слики да го означам почетокот на работата на неговата галерија. По пријатен разговор со Ранов во кој тој ми кажа дека видел две мои слики во Берн, јас го прифататив неговиот предлог по што дојде и понудата на 7 мај да ја отвориме галеријата со изложба на мои слики, вели Минов.
Изложбата на нашиот уметник кој е поклоник на реализмот и на експресивното сликарство ќе биде отворена цели два месеци.
Идејата на Минов е по завршетокот на неговата изложба таму да однесе и други наши уметници кои во оваа, а и во некои други галерии во Швајцарија би го претставиле своето сликарство и на тој начин би ја претставиле и уметноста на својата татковина.