Штип, 04.05.2018
Вечерва на сцената на штипскиот Народен театар премиерно ќе биде изведена претставата „Амадеус“ од Питер Шафер. Овој текст на Шафер никогаш во долгата историја на ШНТ не бил поставуван на неговата сцена.
Режисер и сценограф е хрватот Иван Лео-Лем, драматург – Габриела Тулиева, костимите се на Мирјана Загорац, музиката на Звонимир Џуспер – Џус, асистент сценограф Весна Рожиќ, сите од Хрватска.
Во улогата на Амадеус публиката ќе го види актерот Трајчо Ефтимов-Ѓаурски, салиери е Владимир Тулиев, улогата на Констанца и е доверена на Душица Тренева, двојниот лик на Вентичели го толкуваат Пеце Ристевски и Мирко Голомеов, Јосип Втори е Кристина Атанасова-Арсова, баронот Ван Свитен го игра Миле Вратеовски, коморникот како улога му е доделена на Раде Рогожаров, а професор Розенберг е Милорад Ангелов.
Премиерата е закажана за вечерва во 20 часот во ШНТ.
„Ова е наша втора премиера во тековната година. Првата ни беше „Бог на масакрот“ и со неа ќе одиме на „Чернодрински“ во Прилеп. Сакам на штипската публика да и ветам дека вечерва ќе имаат прилика за ретко театарско уживање со претставата „Амадеус“ во која учествува најголе дел од актерската екипа која ја има ШНТ“, вели Никола Ристов, директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во чии рамки е и театарот.