Вечерва во Охрид, политичарот и хуманист, професорот Романо Проди ја прими Светската награда за хуманизам
Охрид, 18 јануари 2019
– Охрид и Македонија се прататковината, магна карта на на европскиот хуманизам, со самиот факт што Свети Климент Охридски, на стотина години пред првиот европски универзитет, во Болоња, овде ја формираа првата хуманистичка школа.
Со овие зборови, вечерва, во очи на големиот христијански православен празник, Богојавление – Водици, во Куќата на Уранија (МАНУ), официјално му беше врачена Светската награда за хуманизам, за 2018 година, на Романо Проди, политичар, хуманист, универзитетскиот професор и еден од водечките интелектуалци на стариот континент.
Наградата, на Проди, еден од визионерите и градителте на европската идеја, му ја врачи В.Д. градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, кој, мегу другото нагласи дека од вечерва. Романо Проди, со целиот негов политички и хуманистички беграунд, ќе биде дел од охридската калдрма и светостите на македонската духовна и црковна метропола.
Екс-премиерот на Италија и поранешен претседател на Европската комисија, Проди, заблагодарувајќи се на признанието, додаде дека духот на европската идеја не се профитот и економското поврзување, туку хуманизмот и солидарноста.
– Европа е заедница на малцинства. Кога бев во Романија, еден тамошен пратеник ми кажа, како неговиот татко бил убиен, само затоа што таму бил малцинство,како што бил убиен и неговиот дедо – за истото. Тоа повеќе не смее да се случува. Европа треба да биде семејство на мир и солидарност, во европската архитектура, како темел треба да влезе балканската стратегија, но и нешто пошироко – солидарноста со африканските земји, чиенаселение , без своја вина, се раселува во очајнички поморски и сувоземни колони –потенцираше Проди, кој 10 години во Африка беше специјален пратеник на ОН.
Дипломатот и писател, Јордан Плевнеш, во својата пригодна беседа, напомена дека, вечерва целата светска идеја на хуманизмот е во Охрид.Проди е 13-от добитник на Светската награда на хуманизмот, но не треба да го препознаваме само како – досега прв од политиката, затоа што тој е и голем хуманист.
– Вечерва во Охрид, градот на првата средновековна европска школа на хуманизмот, на самиот почеток на 10. век, се случува една вистинскас духовна револуционерна синтеза, мегу двата митски европски градови во Европа, Охрид и Болоња –потенцираше Плевнеш.
Доказ за духовното единство мегу Охрид и Болоња, рече натаму Плевнеш, е фактот што еден од најстарите глаглски ракописи, пишуван е во охридското село Рамне (1230-1240), а се чува во Августинскиопт манастир Сан Џакомо Маџоре во Болоња,подимето Болоњски псалтир.
Плевнеш ја информираше бројната публика, дека Романо Проди е роден на денот на Свети Клименти дека во Охрид, со неговата животна сопатничка, Флавија Франзони, ќеја прослави златната свадба -5о години брак.
Во Охрид, вечерва зборуваа и Рикардо Бризи, професор на Универзитетот од Болоња, како и Жан Патрик Конрад од Империјалниот колеџ во Лондон.
Светската награда за хуманизам ја востанови Охридската академија на хуманизмот, по идеја на дипломатот и писател Јордан Плевнеш и со неа се слави името на Св. Климент Охридски на сите светски меридијани.
Пред професорот Проди, Охрид, градот на УНЕСКО, со ова иусклучително признание веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Веле Митаноски