Прилеп, 27.01.2019
Денеска започна најголемиот и најважен саем за кондиторски производи и закуски, ISM во Келн, Германија, а Витаминка и оваа година е присутна со целосниот свој асортиман соодветно на профилот на саемот. За најголемиот македонски производител во прехранбената индустрија, учеството и претставувањето во Келн е клучно и значајно за унапредување на производството и проширување на присуството на странски пазари.
„ISM Келн е најголемиот и најважен саем во светот за кондиторски производи и закуски што се одржува еднаш годишно. Пред најголемите компании од секторот, присутни од целиот свет се презентираат нови трендови,иновативни производи и перспективи и токму тука е предноста и бенефициите од овој саем, а со нашето присуство покрај нови купувачи, партнери и пазари и дополнителна афирмација за компанијата, како претставник го промовираме и македонското производство и прехранбената индустрија во земјава. Очекуваме и оваа година нашето претставување да биде успешно и да воспоставиме нови соработки и бизнис релации“, изјави Љупчо Велески, директор на сектор извоз во Витаминка.
Како важна деловна и комуникациска платформа, саемот ги спојува сите релевантни целни групи, како малите, средните компании но и лидерите на пазарот со меѓународни деловни групи заинтересирани за соработка. Од долгогодишното и редовно присуство на овој саем, Витаминка има позитивно искуство, бројни нови купувачи и воспоставено многу соработки.