Владата ги усвои законските измени со кои се ограничуваат профитите на приватните болници од ковид-19
Владата на 65. седница ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои, меѓу другото, Министерството за здравство добива дополнителни овластувања во услови на кризна состојба прогласена заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест. Со овие измени, меѓу другото, владата предлага да биде во можност да ги ограничи цените за лекување од ковид-19 во приватните болници од 40.000 до 305.000 денари (околу 5.000 евра). Сегашните цени, неофицијално, достигаат најмалку двојно повеќе. Исто така, владата предлага, во име на јавното здравје, да се забрани преземањето на здравствениот персонал од јавното во приватното здравство.
„Со предложените измени се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата и се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани, се вели во соопштението од Влада.
Оттаму додаваат дека со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании.
Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита ќе бидат испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка, а во нив се предвидени и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.
Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека со измените на Законот за здравствена заштита се предлага цените во приватните болници да бидат изедначени со рефернтните цени утврдени од Фондот, односно дијагонстицирање и лекување на ковид пациенти да се движи од 40.000 до 305.000 денари.