Владата понуди проекти за почист воздух, екологистите бараат да има одговорност ако не се реализираат
Дваесет проекти, поделени во осум проектни програми, содржи „Планската програма за почист воздух, 2024-2030“, која пред десетина дена ја промовираше Владата. Секоја од програмите, за греење без емисии за домаќинствата, за јавните објекти, мерки за индустријата, за намалување на влијанието на транспортот, за забрана за палење на горливи материјали, за шумите и зеленилото, за управување со емисиите, како и за формирање на Институт за квалитет на амбиентен воздух, е поделена на неколку проекти за кои временската рамка за реализација е најчесто до три години, а најдолг период се предвидува за изградбата на когенеративните централи, повеќе од осум години.
Когенеративните гасни централи ќе ги градат Владата и Министерството за енергетика во Скопје и во Битола, но не е прецизирано колкав буџет ќе треба да биде одвоен. Еден од пообемните проекти е и замената на начинот на затоплување на јавните објекти кои се уште користат мазут и нафта, за кој се надлежни Министерствата за финансии и за енергетика, како и општините. Според податоците на Владата, се работи за повеќе од 600 објекти кои до 2030 година ќе треба да добијат нови начини на затоплување, но и за овој проект нема конкретна сума која ќе биде потребна. Во програмата се предвидува и обврската за Министерството за транспорт и општините во следните десетина години во урбанистичките планови да се предвидува и дозволен начин на затоплување во одредени градски четврти, со што би се влијаело на намалување на аерозагадувањето.
Граѓанските организации кои работат на проблемот со аерозагадувањето ја поздравија програмата на Владата, но изразија и загриженост за имплементацијата заради општите рокови кои се дадени, но и заради отсуството на буџет за секоја мерка.
„Генералните забелешки на Планската програма за почист воздух, 2024-2030, е немање на детален акционен план за секоја година. Квантификацијата на мерките најчесто е изоставена, која сума се планира да се вложи, од година во година и колку субјекти се очекува да се таргетираат. Дополнително, наведени се цели институции како надлежни, но не и кој сектор, кој раководител е надлежен, зошто само така може да се има конкретна одговорност и може да се бара отчетност. Нема наведени индикатори за концентрациите на PM2.5 и PM10, за колку проценти се очекува нивно намалување од секоја мерка. Ова е клучно за успешно спроведување на било каков план за почист воздух, зошто без конкретен рок, обем и одговорно лице нема да функционираат“, вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.
Планската програма предвидува и формирање на Институт за квалитет на амбиентниот воздух што треба да биде научно-истражувачка институција, што ќе работи на современи технолошки решенија кои ќе допринесат за надминување на проблемите со загадениот воздух во градовите. Министерството за животна средина доби две години да го донесе законот за индустриски емисии, кој треба да биде основа за утврдување на употребата на цврсти горива во индустријата и за емисиите во воздухот и нивното следење. Слабиот капацитет на државните и локалните инспектори ќе се решава со нивна интеграција. Македонски Шуми ќе треба да обезбеди квалитетно огревно дрво, а ќе се доделуваат и субвенции за замена на системите за греење со топлински пумпи или високоефикасни котли.
Екологистите, пак се сомневаат дека когенеративните централи би биле решение за намалување на аерозагадувањето од постоечките домаќинства кои се греат на дрва, бидејќи тие се сиромашни и нема да имаат средства да се приклучат до мрежата. Сметаат дека централното греење е опција за нови субјекти, згради и куќи.
Скептични се и кон мерката Национални шуми да обезбеди огревно дрво со влажност до 20% за продажба на домаќинствата, од причина што и во минатото беше донесена, но не се спроведуваше, како и кон мерката за контрола на домашните ложишта, со оглед на тоа дека инспекторите не смеат да влегуваат во домовите. Тие предлагаат контроли во кои ќе треба да се приложат фискалните сметки за купеното дрво, а за тие што нема да ја почитуваат мерката да добијат и казни, како и можност инспекторите да ја мерат густината и зацрнетоста на чадот кој излегува од оџаците.
„Апсолутно неприфатливо е Законот за контрола на индустриски емисии да се донесе во рок од две години од сега. Уште во декември 2016 имаше нацрт верзија на овој закон, па потоа нова и нова верзија. Законот мора да се донесе што побргу, во текот на првата половина од 2025година“, смета Чакулев.
Проблемот со емисиите од транспортот, Владата ќе ги решава со набавка на електрични и автобуси на гас, со субвенции за такси возила кои нема да загадуваат и со технички преглед по европски стандарди. За овие мерки, екологистите бараат Владата да прецизира колку нови автобуси ќе се купуваат, субвенциите за такси возила да бидат приоритет во најзагадените градови, а техничкиот преглед по европски стандарди да добие конкретен рок.