Во Охрид, на манифестацијата „Прличеви беседи 2019“, на Славчо Ковилоски, му беше врачена Повелбата за најдобра поема, од конкурсот „Григор Прличев“ за 2018-та година
Охрид, 5. февруари 2019
– Денес во Охрид, на манифестацијата „Прличеви беседи– 2019“, на македонскиот поет, прозаист и книжевен историчар, Славчо Ковилоски, му беше врачена Повелбата за најдобра поема,односно книжната награда „Григор Прличев“ за првонаградена поема за 2018-та година.
На лауреатот, Ковлоски, наградата, добиена за поемата „Крале Марко по вторпат“, му ја врачи претседателката на Жири-комисијата, д-р Наташа Аврамовска, од Институтот за македонски јазик во Скопје.
– Поемата на Ковилоски е загатната, мегу другото, и во фасцинацијата од многузначноста на преданието за јунакот Крали Марко, којашто самата по себе е книжевен предизвик за распоредување на нови нишки при неговото препрочитување,но, во исто време, реактуализацијата на ликот на Крале Марко е недвосмислено индексирана како показател на општественото доба на криза, иликриза на општествениот, а оттаму и на јуначкиот идентитет – напомена, мегу другото, д-р Аврамовска.
Следеше артистичка изведба на наградената поема за 2018 година – „Крале Марко по втор пат“ од актерите Ивица Цонев и Павел Маслов.
Во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи– 2019“, напладне беше отвгорена лиовна изложба со дела на уметници од Република Македонија.
Утре, Беседите продолжуваат со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во дворот на ОУ „Григор Прличев“.
Потоа ќе се одржи панихида и полагање цвеќе на гробот на Григор Прличев.
Во Спомен куќата на Григор Прличев во 12:00 часот ќе се одржи манифестацијата „Стихови и звуци за Прличев“, во рамките на која беседа за Прличев ќе има Академик Витомир Митевски.
Во 12:45 часот пред Бистата на поетот пред охридската библиотека ќе се положи ловоров венец и свежо цвеќе, а обраќање ќе има секретарот на Друштвото на писатели на Република Македонија, Мишел Павлоски.
Во 13:oo часот ќе се одржи портрет на писателот и поет Видое Видически, како и видео-проекција „Од животот на Прличев“.
Во рамките на прославата ќе се одржи и традиционалната манифестација „Охридска визита“.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ е востановена пред речиси шест децении, како одбележување на годишнината од смртта на големиот поет кој почина на 4-ти февруари пред 124 години. Прличев пред век и половина беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“.
В.М.