Штип, 30.10.2017
Штип од синоќа слави два големи празници во севкупноста на својата историја на постоењето. Првиот празник е денот Осми Ноември. На тој ден, во 1944 година партизаните го ослободија градот од фашистичкиот окупатор. Второто ослободување се случи синоќа кога жителите на овој град му дадоа црвен картон и така се самоослободија од злосторникот и насилник од прв ред Илчо Захариев.
Синоќа, на градскиот плоштад, по улиците на Штип весели, распеани граѓани се прегрнуваа, си ја честитаа слободата, си посакаа живот достоен на човек како цивилизирано суштество кое му припаѓа на овој век. Расположението беше на ниво како и на 8 ноември, 1944 година.
Тоа што власта која штипјани ја делегитимираа и ја испратија во место од кое враќање нема го понижи Денот на ослободувањето на градот од фашистите, па измисли некој нов „значаен“ ден за градот од формат на верскиот празник Свети Никола како Ден на градот, тоа е работа која допрва треба да се преиспитува. Но, тоа што на најсветлиот ден во историјата на градот му дадоа маргинално значење, тоа не е за простување.
Но, да се вратам на второто ослободување на Штип.
Три години пишував и на разни начини информирав за морбидноста и самоволието со кое владееше Илчо Захариев и малата бандитска групација околу него. Пишував упорно за тоа дека Штип е град со голема слободарска традиција, со завидно историско наследство, со интелктуална елита каква што ретко се среќава, со скромна но одговорна работничка структура, дека е град кој го има дадено речиси целиот состав на прва Влада на нашата татковина по нејзиното осамостојување, и дека со самата таа негова квалитетна легитимација не заслужува да има градоначалник кој ќе се стави над се што диши во градот и општината.
Јавно објавував стории за неговата нечовечка природа, за неговите самоволија, за раководителите на претпријатија, училишта, институции кои тој ги поставуваше за потоа да им додели статус на негови пудлици. Пишував и за уништени животи на семејства, за срушени институции кои беа заштитен знак на Штип. Објавував вакви стории со многу понудени аргументи за објавеното, со приказни на луѓе кои ја трпеле тортурата на злосторникот Захариев…Објавува секојдневно преку овој мој портал и преку моето печатено гласило месечникот Штипски Глас. Објавував и бев свесен дека се ближи денот кога Штип одново ќе се ослободи, овојпат со пенкало наместо со пушка в рака, од бандитот невиден Илчо Захариев. И дека со него заедно ќе падне и неговата бандитска дружина.
Конечно, дојде и тој ден. Дојде моментот на второто ослободување на Штип и на штипјани. Градот осамна во понеделничко работно утро. Штип си го фати ритамот на животот . Сега во сосема ново расположение.
Над градот светна нов, сончев, надежен ден. Ден кој од сите нас, новите народни избраници (јас станав советник) бара посветено и крајно одговорно да пристапиме кон она што во кампањата им го ветуваше новиот градоначалник Благој Бочварски и ние како советници од СДСМ и коалицијата.
Нека ни е честит 29 окотомври 2017 година, Вториот ден на ослободувањето на Штип!