Газда во Штип ќе ги зголемува платите за да привлече работници

Штип, 09.05.2017

 Гингер Каја, сопственик на „Јагја Мезлер“: наскоро ќе бараме уште 100 нови работници кои во Штип ги има се помалку, а за да ги привлечеме младите ќе ги зголемуваме платите

 Штипската текстилна фабрика „Јагја Мезлер“, чиј инвеститор е од Турција, а во Штип е веќе 17 години, е во тек на реализација на нова инвестиција од 11,5 милиони евра. Компанијата вложува во нови машини во погонот за ластик, најголем во Европа, и во најнова технологија во погонот за деним ткаенини. Но, сопственикот Гингер Каја цени дека Штип како град на текстилот се соочува со недостиг од млада работна сила па планира потребните сто нови работници да ги привлече со поголеми плати.

ginger„Со цел да привлечеме работници од младата популација, донесовме одлука за зголемување на платите. За колкав процент ќе биде тоа зголемување, нема да кажеме се додека таквата одлука не биде донесена, а тоа ќе биде најдоцна до оваа есен. Она што јавно и одговорно можам да го кажам во моментов е дека просечната плата во погонот за деним изнесува 15.000 а во погонот за ластик 14.000 денари. Покрај ова, со ефектуирањето на новата инвестиција во двата погона, со што бројот на работници ќе се заокружи на околу 500, планираме и отворање на сопствен ресторан во кој работниците ќе се хранат бесплатно, односно трошоците ќе паднат на товар на фирмата. И оваа идеја ни е со намера да привлечеме млада работна сила“, вели Гингер Каја.

Во развојните планови на овој странски инвеститор кој не добива никакви бенефиции од државата е и изградба на голема предилница за што „Јагја Мезле“ веќе има купено плац во кругот на поранешна „Македонка“. Инаку, оваа фирма е стопроцентен извозник на целокупното свое производство.

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе