Продолжениот празничен викенд, преку интернет-комуникацијата и социјалните мрежи го отвори горливото прашање за одлагањето на отпадот, извршувањето на комуналните задачи од страна на надлежните служби и однесувањето на граѓаните.
Објавувањето фотографии со преполни контејнери и исфрлен отпад на несоодветни локации, проследени со коментари, повторно ја наметна актуелната тема за загадувањето на животната средина.
Градската депонија е единственото легално место каде граѓаните и комуналните служби можат да го одлагаат комуналниот отпад и градежниот шут. Реалноста покажува поинакво секојдневие. Тоа почнува од детските игралишта, меѓу кои и најновото во Трговскиот центар, кое секое утро осамнува со купишта изгрицкани семки, валкана подлога и расфрлани остатоци од храна и пијалаци. Недостигот од основно однесување на возрасните и малку помладите од нив – е очигледен.
Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ во постојаните напори да ја обезбеди неоходната хигиена во општината – се соочува со секојдневни проблеми кои произлегуваат пред сѐ од личното однесување на поединци до групи лошо настроени кон јавната чистота. Службите наведуваат примери дека поради непрописното паркирање на возила, некои делови од Кочани можат да останат подолго со неиспразнети контејнери. Покрај локалните патишта секојдневно осамнуваат диви депонии.
– Борбата со дивите депонии во Кочанско е исклучително тешка. Има локации коишто се чистат со тешка механизација, а за неколку денови повторно се преплавени со отпад. Еден таков пример е Полатски пат, над Фабриката за вода. За да ги одучиме несовесните граѓани, поставивме метална ограда. Тој потег засега е чист, но за жал, граѓаните фрлаат секаде отпад, освен таму каде што му е местото, на Градската депонија – посочува градоначалникот Николчо Илијев.
На патот кон Осоговските Планини може да се сретне отпад од најразлични видиви – телевизори, компјутери, стакла, троседи – сѐ што го оцртува карактерот и навиките на дел од триесетина илјади жители на Кочани, а што дава слика на цела општина.
Неодамна и Советот на Општина Кочани реагираше на појавата на диви депонии во најубавите предели на Кочанско. Директорот на „Водовод“ Андреј Киров истакна дека комуналните служби нудат услуги за транспорт на градежен шут и отпад, но досега ја користеле само правни субјекти.
– Потребата од засилена спрега на сите комунални служби во борбата против загадувањето на животната средина е повеќе од неопходна. Тоа вклучува санкционирање на загадувачите, без исклучок. Но, големо влијание има однесувањето на секој граѓанин, беа чија љубов кон убава и чиста околина – сѐ би било залудно. Затоа апелирам сите заедно да внимаваме и да ја чуваме јавната чистота – апелира градоначалникот Илијев.