Даниела Андоновска Трајковска и Игор Крајчев – добитници на наградата „Крсте Чачански“, односно „Јован Котески“
Струга, 2. мај 2019
– Културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга и годинава ги додели наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“.
Добитници на наградите се Даниела Андоновска Трајковска, за збирката раскази „ КАФЕ, ЧАЈ И ЦРВЕНО НЕБО“, односно Игор Крајчев, за поетската збирка „21“.
– Со овие раскази, пред нас се отвора црвено небо, кое е суптилно врзано со секој од нив. Збирката поделена е во три дела: „Дом“, „Отворени и затворени линии„ и „На Широк Сокак ништо ново“ ги прикажува рамките во кои се открива оваа збирка. Со доза на суптилен однос кон реалноста, кој на моменти е и болно искрен, преовладува чувството на пренесена топлина со секој збор, поставен во одлична композиција – пишува во образложението на решението на жирито, во состав Мерсиха Исмајлоска, Мишо Китаноски и Петко Шипинкаровски.
„Наградата „Јован Котески“ годинава се доделува на книгата „21“ на Игор Крајчев од Велес.
– Книгата „21“ на Крајчев е сликовит приказ на себството позиционирано во живото-просторот со модулација која тежнее да го досегне концептот на среќата. Тоа е мисловна визуелизација на комплексните игри сред шаховското поле на животот и смртта, чија зборовна репрезентација конструира самосвој дијаграм на опстој, стои во образложението на жирито, во состав: Христо Петрески, Весна Мундишевска Велјановска и Витомир Долински.
Досегашни добитнци на наградата „Крсте Чачански“ се Христо Петрески, Милован Стефановски, Петре Димовски, Марина Мијаковска, Добре Тодоровски, Васил Тоциновски, Стефан Mарковски и Владимир Плавевски.
Досегашни добитници на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчевски, Витомир Долински, Христо Петрески,Славчо Ковилоски, Зоран Пејковски , Зоран Јакимоски и Елена Пренџова.
В.М.