-
Интервју со Соња Даниловска, одделенска наставничка од Пробиштип, прогласена за најдобра наставничка на просторот на бивша Југославија
Штип, 26.06.2019
Г-ѓа Даниловска, на порталите можеме да видиме мал милион постирања во кои луѓето ни кажуваат што јаделе тој ден,каде биле на одмор, со кого се дружеле, каква политика тераат, но нема ништо од тоа кој и што сработил…Вие сте ретка појава која на социјалната мрежа има постирано стотина фотографии од успесите на вашите ученици кои освојуваат признанија дома и во странство. Зошто мислите дека е тоа поважно од се друго…
Ја поздравувам редакцијата на istokpress.mk и ви благодарам на поканата за ова интервју. Со задоволство ве следам бидејќи секогаш ги имате најновите информации и случувања во регионов. Ја поздравувам вашата професионалност и објективност. Интернетот е двигателот на денешнината, а социјалните мрежи се неизбежно место на кое поминуваме одреден дел од времето и каде на некој начин споделуваме со јавноста она што ни се случило или што не исполнува. Професијата наставник веќе 22 години ми го исполнува животот и за мене е повеќе од професија и ја доживувам како начин на живот. Сето она што го доживуваме со учениците и нашите активности ги споделувам (секако со дозвола од родителите) на мојот you tube канал како и на веб страната на која сум уредник и администратор nastava-ucenici.ucoz.com каде што родителите и сите останати што имаат желба може да ги гледаат нашите видеа од часовите, активностите во нашата училница и надвор од неа. Исто така со помош на интернетот членувам во многу организации и образовни заедници од целиот свет, па се претставуваме и таму и разменуваме искуства со колеги и од другите земји.
Од дебатите кои се предизвикани од ваквите постирања се гледа дека вашите ученици многу ве почитуваат…Што за една учителка значи тоа?
Една учителка е најсреќна кога се среќни нејзините ученици. Што се однесува до почитувањето, тоа е взаемно. Јас многу си ги почитувам моите ученици и ги доживувам како мои соработници и партнери. Мотото под кое работам и секојдневно го водам работниот ден е : Не знам каков ќе дојде ученикот наутро во училницата (тажен, болен, намуртен, налутен …), но знам каков ќе си отиде – среќен, задоволен, насмеан и со нови знаења). Учениците се центарот на мојот работен ден и посебно внимание посветувам да се чувствуваат среќно, задоволно, позитивно и без никаков страв додека се на училиште, бидејќи само така комплетно ќе се посветат на своите училишни активности и ќе бидат успешни. Дечињата умеат да чувствуваат кога се почитувани и возвраќаат со почит. А тоа го чувствувам секое утро кога ќе се појавам пред училиштето и многу насмеани детски лица, со сјај во очињата ми притрчуваат да ме поздрават, да ме гушнат, да ми ја наполнат душата со чиста љубов и да ми кажат дека се нестрпливи да влезат во училницата.
Од сите објави, барем тоа е мој заклучок, постои една неверојатна синергија помеѓу Вас и вашите ученици…Каде предавате, што предавате, како успевате со толку добрина и успех да ги „заразите“ децата кои родителите Ви ги препуштиле да ги образовате и воспитувате?
Се радувам што и Вие како набљудувачи преку објавите ја чувствувате енергијата која владее меѓу нас. Работам во ООУ Никола Карев Пробиштип, предавам во одделенска настава и ја имам среќата да ја живеам и работам професијата што ја сакам. Знаете, професијата – Наставник – мора да се сака. Магијата е во учителскиот дух кој мора да го поседувате, кој ве следи и не ве напушта без разлика дали сте почетник или сте пред пензија, а она со што како што велите треба да ги заразите е љубовта . Децата се свесни дека мама и тато ги сакаат најмногу на свет и дека им го мислат најдоброто, дека со нив се безбедни и дека иако понекогаш им се лутат или ги скараат, сепак љубовта не исчезнува. Истото треба да го почувствуваат и од наша страна, дека како учители веруваме во нив, им го посакуваме најдоброто, да бидат безбедни покрај нас и да ни веруваат и кога сме насмеани или кога имаме некоја замерка на некоја нивна постапка. Вистинскиот наставник умее умешно да ги дозира и љубовта и авторитетот.
Кај нас зачестено се говори дека во нашите училишта се работи само на образованието, дека воспитната функција ја нема, дека таа била занемарена од наставници, учители или како саакате наречете ги. Вистина или површна анализа на луѓето кои не го знаат образованиот систем..
Многу често се говори на таа тема, но јас не би се согласила дека во училиштата е занемарена воспитната функција . Баш напротив, мислам дека доволно од времето за реализација на наставата го поминуваме во воспитување на учениците. Сведоци сме дека дечињата многу мали (понекогаш и со неполни 6 години) тргнуваат да се соочат со училиштето и сите предизвици што таму ги чекаат. Ние учителките стануваме дел од животот и на ученикот и на неговото семејство уште од првиот училишен ден. Многу често се вели – учителката е втора мајка и верувајте има голема вистина во тоа. Тоа шестгодишно детенце одеднаш има уште некој што освен што го образува – ја водиме битката со буквите и бројките, првата писменост и првите знаења, го градиме тој прв мост на трансфер на знаења , но во исто време истата таа учителка е тука да го воспитува и создава животни навики кои треба да останат засекогаш (како да се однесува, културни и хигиенски навики, другарство ). Воспитанието пред се доаѓа од домот и од семејството, но во последно време родителите за жал се повеќе воспитната улога ја префрлаат само на училиштето, а своите пропусти во воспитувањето ги бараат кај наставниците. Затоа најважна во овој процес на развојот на детската личност е соработката и меѓусебната доверба меѓу наставниците и родителите, да бидат тим кој ќе работи заеднички и со доверба.
На постираните објави видовме и многу награди за Вас но вие ги издвојувате со посебна љубов секако наградите на учениците…Колку вас тие награди ви се мотивација?
Во мојот 22 годишен работен стаж добитник сум на многу награди, дипломи и признанија како на локално, така и на државно но и на меѓународно ниво. Свесна сум дека за да бидеш добар наставник не се важни наградите, добриот наставник работи за своите ученици и кога не добива награди, но сепак убаво е чувството кога добиете награда и кога добиете еден вид доказ дека некој го цени и вреднува тоа што го работите. Секоја награда ми е драга и ми влева мотивација и желба да продолжам да работам професионално и со љубов. Посебно ме радуваат успесите на учениците, ги мотивирам и заедно учествуваме во меѓународни проекти, на конкурси од областа на литературата или науката и работам на развивање на социолошките вештини кај учениците да се радуваат и на својот и на туѓиот успех и секогаш да бидат подготвени и на победа, но и на пораз. За мене важи животното правило наградите и победите да не ме вообразат, а во исто време поразот да не ме разочарува, а се трудам истото да го пренесам и на учениците. Човекот треба без разлика со што се занимава, постојано да учи, а мотивацијата да ја бара во себе и да знае дека секогаш може подобро.
Вие сте дел од една организација во која се учители од просторот на бивша Југославија…Таму е и нашиот универзитетски професор Кирил Барбареев. Што е суштината на таа градба…
Се работи за Асоцијацијата на најдобри наставници од просторите на бивша Југославија – ANN EX YU , која ни беше повеќе од потребна. Основачи и коосновачи на асоцијацијата се наставници лидери од сите простори на бивша Југославија на чело со Весела Богдановиќ од Македонија и Жељана Радојчич Лукич од Србија, финалистки на Global Teacher Prize. Целта на асоцијацијата е вмрежување на најдобрите наставници ентузијасти од просторите на бивша Југославија, размена на искуства, зголемување на видливоста на нашата работа , создавање услови за подобро образование, давање поддршка и мотивација да се подигне нашата професија на повисоко ниво. За таа цел се организираат регионални образовни конференции, (до сега се организираа две, едната во Скопје, а другата во Будва) на кои наставниците имаат можност да присуствуваат на инспиративни говори, работилници, образовни предавања, трибини , како и размена на искуства со колеги од сите републики во регионот. Среќна сум што сум еден од рамноправните членови на асоцијацијата, а горда сум на себе што на првата конференција ја добив титулата – Најдобар наставник на бивша Југославија, која ми ја врачија Жељана Лукич една од основачите на асоцијацијата и амбасадорите на асоцијацијата – ценетиот универзитетски професор Кирил Барбареев и почитуваната Ксенија Маказлиева Трајчева. Веќе е во подготовка и третата конференција која треба да се одржи во Србија.
Како е да се живее и работи во мал град како што е Пробиштип? Колку луѓето ве знаат, ве почитуваат, ви пристапуваат ли да ви честитат за сите успеси со децата…
Животот во мало место има и свои предности, но и свои слабости. Го сакам својот град, овде и јас сум го завршила своето образование а сега имам чест да како наставник образувам и воспитувам ученици кои еден ден ќе работат , творат и допринесуваат за животот во овој град. Најголемата надеж за иднината лежи во воспитаната и образувана младина, а таа благородна улога на воспитувачи и образувачи ја имаме ние учителите. Нема поголема радост кога ќе слушнеш за успесите на некој што бил твој ученик а сега како дел од општеството гради своја кариера, се остварува и во улога на родител а својата прва учителка ќе ја памети цел живот. За жал и овде како во целата наша држава се чувствува појавата на иселување , но тоа е друга тема. Како единствен недостаток на малото место на живеење за мене е тоа што сите значајни настани од областа на образованието се случуваат во главниот град или поголемите центри во државата, па не сме во можност секогаш да присуствуваме и да ги следиме.
Што би кажале за системот на наградување во образованието кај нас. Дали е тоа систем на сите исто без оглед на остварувањата или…Колку Вие сте задоволни од третманот преку платата…И има ли љубомора меѓу колегите ваши?
Тоа ни е болна тема на сите наставници и секогаш кога дебатираме со колегите за наставничката плата, се чувствува гнев и разочарување. Една мисла вели – Мали се оние луѓе што работата на наставникот ја сметаат за мала. Ќе бидам искрена, образованието во државата ни е во хаотична состојба и верувам дека секој од нас наставниците го имаме она чувство како да се бориме со ветерници, одиме низбрдо а никој не сака да прикочи. Се донесуваат погрешни одлуки и чекори кои наставниците треба да ги реализираат а воопшто не се прашани како директни реализатори за нивно мислење. За жал се воочуваат грешки наместо квалитети, полесно се казнува наместо да се наградува, повеќе се разговара за негативното наместо за убавото, повеќе се цени она што е ставено на хартија, наместо она што е реализирано. Меѓутоа нашата работа не дозволува разочарување или страв од предизвици. Сето тоа исчезнува со секоја минута помината со учениците, со секоја нивна насмевка и со секое сознание што всушност значиме ние за нив, а за наставникот ентузијаст тоа е се што му треба. Наставникот не продава знаење и не купува почит, но за успешно образование најпрвин треба да се работи на довербата и мотивацијата на наставниот кадар.
Што се однесува до љубомората меѓу колегите, имало моменти кога сум ја почувствувала но се трудам да не давам значење на тоа. Моите колеги ме познаваат доволно , моите успеси не ја менуваат мојата личност и во ниту еден момент не сум се однесувала или чувствувала поразлично .
Сите ученици се ваши деца, но имате биолошки деца, што ги советувате…
Да, ете од сите мои успеси и награди, сепак најголем успех и награда за мене во животот се моите синови Бобан 25 години и Алек 16 години. Знаете, за да бидете успешни во работата, едноставно мора да имате безрезервна поддршка од семејството. Јас ја имам и тоа ми дава мотив и охрабрување. Мојот сопруг е со мене во сите мои успеси и најчесто тој ме носи секаде каде треба да се патува и се чувствувам сигурно. Најдобриот совет што секој родител може да го даде на своето дете е да биде чесен, вреден и пред се човек во вистинска смисла а моите деца ме прават горда мајка.
Новинарите од Источниот регион, пред три години, Ви го дадоа признанието Најдоброто од истокот во образованието…Која е Вашата реакција на тоа признание, ние и сега гледаме дека сме биле во право.
Да, пред три години ЗНМ – Здружението на новинари од истокот ме прогласи за најдоброто од образованието за таа година и ми ја врачи наградата на свечената манифестација Ноќ на источните оскари. За мене се уште најдрага награда, бидејќи за сите останати морав да аплицирам, а оваа награда ми ја врати мотивацијата и ми покажа дека се ценат и наградуваат вистинските вредности и дека оскар и признание за најдоброто од образованието може да добие една обична, но чесна и посветена учителка . Вие сте здружение од кое треба да учат останатите, а манифестацијата е нешто што треба да се доживее. Не можам доволно да ви се заблагодарам и ви посакувам манифестацијата да ви трае и да продолжите професионално и објективно да ги наградувате најдобрите.
На крајот од ова интервју би сакала да ги поздравам читателите на вашиот портал и да ви ја претставам мојата авторска песна посветена на учителите, за која добив награда на еден конкурс во Србија .
ЗА УЧИТЕЛОТ
На светот постојат луѓе
од посебна сорта
И баш тие се на општеството
главната аорта.
На изглед како обични луѓе
Но различни од сите други,
Апостоли живи на векот
А на животот и на знаењето слуги.
Учителот има срце и душа
Што не ги крие вешто
Туку со нив се дава
И дарува големи нешта.
Од неговата умна и мудра глава
Знаење безусловно на сите им дава
А самиот останува ученик вечен
Додека крвта низ вени му тече.
За учителот најубава слика
Е кога секој ученик од радост блика.
И додека секој друг
Се жали на детскиот гласен ек,
Џагорот детски негов е лек.
Учениците ги сака како деца свои
ги почитува и за нив се грижи,
а и понекоја солза пушта
кога разделбата со нив се ближи.
Но, тој знае дека кога тие
И животниот век ќе го минат
Во спомените свои
И него ќе го видат.
Разговарал: Иван Бојаџиски