Дебрца и борците бараат дел од манифестациите на Асномската прослава во Пелинце да се префрлат во Црвена Вода
Охрид, 4.10. 2018
– Ако веќе не може во Прохор Пчински, поради отпорот на СПЦ, но и од некаков опортунизам, или, поради потрошените милиони, одбележувањето на АСНОМ со сите манифестации, да се префрили од голата ливада во Пелинце, тогаш дел од манифестациите, без никаков проблем, можат да се префрлат на изворот на настанувањето на македонската држава и државност, во Дебрца и Црвена Вода.
Со ваква порака, се обрати градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, говорејќи на собирот во селото Црвена Вода, посветен на одбележувањето на 75 годишнината од издавањето на Манифестот до Македонскиот народ, во 1943 година.
Барањето, апалот до државните власти, од истото место го повтори и претседателот на Сојузот на борците од НОВ и антифашистичката револуција, пратеникот од првиот парламентарен состав на Собранието, Никола Стојаноски.
Манифестот, по своето значење, се споредува со Крушевскиот манифест од 1903 година и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ, од август 1944 година. Тука во Црвена Вода се донесоа пресвртни одлуки за Македонија. Манифестот на Главниот штаб на чело со генералот Михајло Апостолски, ја претставува Платформата на НОБ и македонската државност на Македонија и што е најважно тој Манифест го потпишуваат сите членови на Главниот штаб.
Главните говорници, мегу кои и претседателот на Сојузот на борците од НОВ и антифашистичката револуција, за општините Охрид и Дебрца, Гоце Горгиески, барањето го поткрепија и со фактот што во селото Црвена Вода прославата ќе се организира пред училишната зграда, местото и објектот на издавањето на Манифестот. Зградата е добро сочувана, реновирана и во неа се отворени две спомен соби: на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и на писателот Ванчо Николески, основоположникот на македонската детска литература, роден во истото село и еден од првите учители, во истата училишна зграда, после Втората светска војна.
До селото, односно училишната зграда, води асфалтна сообраќајница од 4 километри која се издвојува од магистралниот пат Скопје – Охрид, а функционираат и водовод, електрично напојување, телефонско поврзување. Во селото има и други уредени простори, како и паркинзи, адекватни за голема прослава.
Прокрај веќе поменатиот Манифест до македонскиот народ, во 1943 година, од страна на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, првиот печатен документ на македонски јазик, во тогашната партизанска печатница “Гоце Делчев”, на теренот на Црвена Вода се имаат случено и други, како што се формирањето на Иницијативниот одбор за АСНОМ, изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ.
Исто така, доагањето на британската сојузничка мисија, функционирањето на партизанската печатница, формирањето на Покраинскиот комитет на СКОЈ, префрлањето на Главниот штаб и на ЦК на КПМ од Лопушник во Црвена Вода, првите диверзантски акции, првата слободна територија – од Ботун до Пресека, првите народно – ослободителни одбори – никулци на народната власт, првите аналфабетски курсеви за описменување на населението и многу други. Еден од покрупните настани е и формирањето на батаљонот “Мирче Ацев”, првата регуларна воена единица, од август 1943, што веќе се одбележува како ден на АРМ.
Веле Митаноски