Делчево, 18.04.2019
Започна асфалтирањето на првата улица во новата населба „Пролет“. Се асфалтираат 262 метри од улицата која води од старата зграда на Општина Делчево покрај река Габровчица и на која ќе бидат поставени и рабници. Вредноста на работите изнесува 2.375.340 денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Делчево.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска направи увид во работите на улицата при што истакна дека овој проект е од големо значење, бидејќи станува збор за решавање на основна инфраструктурна потреба во најмладата населба во Делчево, каде секојдневно никнуваат нови станбени објекти.
– Овој инфраструктурен проект е од големо значење за жителите кои живеат во оваа населба која е доста атрактивна и е во близина на централното градско подрачје. Решавањето на инфраструктурата ќе ја зголеми атрактивноста на населбата и ќе придонесе за подобар урбан изглед на овој дел од градот во чија близина е и Здравствениот дом и старата собраниска зграда и ќе ги мотивира сопствениците на градежни парцели да инвестираат овде во оваа населба. Изградбата на останатите улици во „Пролет“ ќе се решава парцијално, наредниот период, а паралелно ќе се решава и експропријацијата, рече Трајковски.
Инаку, претходно на улицата е изградена атмосферска и фекална канализација во должина од 300 метри.