Делчево, 08.10.2018
Од денеска е ставен во функција елетричниот полнач за електрични автомобили во Делчево кој се наоѓа на паркингот пред Спомен-домот АСНОМ. Заинтересираните граѓани кои имаат електрични автомобили или мопеди за да го користат полначот , потребно е да достават барање до ЕВН по што ќе добијат картичка, а со тоа и можност да го користат електричниот полнач.
Полначот на паркингот во Делчево е донација од ЕВН, а ќе може да опслужува по два автомобила истовремено. Првата година од поставувањето на електричниот полнач, услугата ЕВН ќе ја дава бесплатно.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, истакна дека со поставувањето на ваков уред, Делчево ќе биде дел од семејството градови кои нудат ваква можност на граѓаните кои користат електромобили што е посебна предност за Делчево како погранично место посетувано од голем број странски гости.
Во Делчево веќе има еден миниавтобус на електричен погон и неколку мопеди, но овде доаѓаат и туристи, најмногу од соседна Бугарија кои имаат потреба од ваков електричен полнач.
Поставувањето на електричниот полнач во Делчево е дел од поголем проект на ЕВН со кој се опфатени општините во земјава, а идејата на проектот е да се поттикне користењето возила на електричен погон што ќе придонесе за заштита на животната средина.