Делчево, 28.12.2018
Со пригодна свеченост и новогодишен коктел во организација на Општина Делчево беше ставен во функција мултикултурниот и мултифункционалниот центар во Делчево. Центарот е сместен на вториот кат од Спомен-домот АСНОМ, а изминатиот период со заедничка соработка и инвестиции него го подготвуваа Општина Делчево, ЈЛБ „Илинден и НВО„Бравура кооператива“.
На отворањето присуствуваа претставници од бизнис-заедницата во Делчево, институции и граѓанскиот сектор, а градоначалникот Горан Трајковски, истакна дека овој центар треба да придонесе за унапредување на учеството на граѓанскиот сектор и граѓаните на Општина Делчево во креирањето на локалните политики.
-Ми претставува посебно задоволство што денеска можеме да го ставиме во функција мултифункционалниот и мултикултурниот центар во Делчево кој претходниот период го подготвувавме заедно со НВО „Бравура кооператива“ и Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево, рече Трајковски.
Тој додаде дека со оваа сала, конечно и Советот на Општина Делчево ќе може да ги одржува седниците во соодветни услови.
-Овде можат да одржуваат седници на Советот, да одржуваат состаноци и претставниците на граѓанскиот сектор, а исто така, овде ќе биде сместена и просторијата за склучување бракови, нешто што одамна му требаше на овој град. Мора да истакнам дека во партнерство со локалната библиотека, уредивме и читална, така што овој простор во спомен-домот АСНОМ кој досега не беше искористен, сега го ставаме во функција на граѓаните. Нека е аирлија почетокот на функционирање на овој мултикултурен центар и во новата 2019 година, овде да се донесат многу убави одлуки, да се прочитаат квалитетни книги и да се склучат многу бракови, истакна Трајковски.
Дека овој центар беше насушно потребен на сите чинители во Делчево, зборува и директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска која истакна дека делчевската бибилиотека по 6 години, откако е преместена во новите простории, добива читална.
-Голем број книги досега се чуваа на таванските простории на третиот кат во несоодветни услови и сега со читалната дел од проблемот е решен. Имаме голем број стручна литература кој не се издава, а студентите сега можат да ја користат и со новата читална е решен и дел од овој проблем. Огромно е задоволството што има голем интерес од страна на студентите и веќе тројца од студенти најавија дека од понедленик испитите ќе ги подготвуваат во новата читална. Имаме огромен број книги, дневни весници, стручна литература и сите граѓани можат да ја користат читалната, истакна Петровска.
Проектот во рамките на кој се подготвуваше овој мултикултурен центар носи наслов „Одговорни пред одговорностите“ и него го имплементираше Хуманитарното здружение за помош на лица со посебни потреби „Бравура кооператива“, во партнерство со Општина Делчево, ЈЛБ „Илинден“, ООУ„Св.Климент Охридски“ и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“. Проектот е субгрант од Проектот „Здружени сили за заеднички интереси“, имплементиран од страна на ЦОСВ подружница Прилеп во партнерство со ЦГИ Прилеп и ЖГИ АНТИКО од Скопје, финансиран од Европска Унија во рамките на ИПА Програма за поддршка на граѓанско општество и медиуми 2014.