Делчево, 07.12.2018
Во Буџетот за 2019 година Владата на Република Македонија предвидува 37 проценти повеќе средства за реализација на финансиската поддршка на компаниите. Тоа значи дека за севкупните мерки за економски раст се предвидени 4,1 милијарда денари.
Овој податок денеска го пласираше министерката без ресор за странски инвестиции во Владата на РМ, Зорица Апостолска, во рамките на инфосесијата на која беа претставени трите столба од Планот на економски раст на Владата на РМ, како и актуелниот повик од Фондот за иновации и технолошки развој наменет за микро, мали и средни претпријатија, што денеска се одржа во Делчево.
Апостолска истакна дека средбата се одржува на барање на стопанствениците од регионот, Берово, Пехчево, М. Каменица и Делчево.
-На барање на стопанствениците во регионот и интересот на комапниите од Берово, Пехчево, М Каменица и Делчево денеска сакаме да ги појасниме финансиските поддршки кои ги дава Владата во рамките на планот за економски раст и согласно со Законот за финансика поддршка на ивестициите. Во текот на оваа година која е прва година од имплементација на овој Закон, аплицираа околу сто компании од Македонија за поврат на средства за инвестициски трошоци, додека само 4-5 компании од овој регион аплицираа по оваа мерка, што е многу мал број. Затоа е потребно да ги појасниме и охрабриме стопанствениците, за да можат да го прошируваат својот бизнис, да инвестираат, истакна Апостолска.
Ирена Ѓеоргиевска, претставник од Фондот за иновации и технолошки развој истакна дека Фондотго претставува третиот столб од мерките на Владата и во тие рамки повиците што се пласираат, посебно актуелниот повик кој инструмент е наменет за микро, мали и средни претпријатија, е отворен до 11 декември.
На инфосесијата присуствуваа претставниците на бизнис-секторот од регионот на Пијанец и Малеш но и граѓани заинтересирани својата бизнис-идеја да ја претворат во профитабилен бизнис.
По завршување на инфосесијата, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, имаше средба со министерката Апостолска на која беа претставени заложбите на Општина Делчево за создавање поволна бизнис-клима и за отворање нови работни места.