01.02.2019
Во Општина Делчево се одржа работна средба на градоначалниците од регионот со бугарскиот европратеник Андреј Новаков за подбро искористување на европските фондови. Средбата беше на иницијатива на градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски и делчевецот Венци Димитровски, а целта на средбата беше продлабочување на соработката на општините од регионот со општини од соседна Бугарија и поголемо искористување на средствата од европските фондови.
Градоначалникот Горан Трјковски изрази задоволство од остварената средба и ја потенцираше можноста трите општини Делчево, Берово и Пехчево заедно како регион да настапуваат пред европските донатори.
-Европратеникот Новаков ни ги предочи можностите кои се отвораат за пред нас за аплицирање со проекти од областа на инфраструктурата или меки мерки, за новите фондови кои досега за нас не беа достапни, а очекуваме со отпочнување на претпористаните преговори да се отворат нови можности за нас. Ние размислуваме во насока да бидеме подготвени заедно како микрорегион со разработени проекти, посебно од обчласта на туризмот, но секако, и поединечно како општини, рече Трајковски.
НОВАКОВ: Во тек е распишување на тендерот за избор на фирма која ќе врши модернизација на граничниот премин Станке Лисичково кај Делчево со што ќе се олесни протокот на стока и патници и ќе се отстрани досега карактеристичното тесно грло на овој премин.
Европратеникот Новаков го потенцираше значењето на фондовите и најави повеќе средства од европските фондови за Македонија.
-Се радувам што успеавме да се видиме со градоначалниците од Делчево, Берово и Пехчево и сакам да истакнам дека од 1 јануари 2021 година, средствата ќе бидат многу поголеми за општи проекти за соработка, но има и европски програми кои можат да се искористат и од општините и од младите, образовните институции, претпримачите и верувам дека искористувањето на тие средства ќе биде од корист на двете страни, рече Новаков.
Тој истакна и дека во тек е распишување на тендерот за избор на фирма која ќе врши модернизација на граничниот премин Станке Лисичково кај Делчево со што ќе се олесни протокот на стока и патници и ќе се отстрани досега карактеристичното тесно грло на овој премин. Градежните работи на преминот од бугарска страна се очекува да започнат на пролет.