ДЕЛЧЕВО: За поддршка на учениците 760.000 денари од буџетот на општината, со нова мерка секое новозапишано прваче добива по 3.000 денари
Делчево, 03.03.2021
Учениците и студентите од Делчево кои ќе добиваат стипендии од Општина Делчево за учебната 2020/2021 година денеска ги добија решенијата од Општина Делчево. Годинава, Општина Делчево додели 24 стипендии од предвидените 28 од кои 18 стипендии се за средношколци кои аплицирале во двете категории согласно со јавно објавениот Конкурс, а 6 стипендии за студенти кои ги исполнија условите согласно со предвидените критериуми во една категорија.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој им ги врачи решенијата, истакна дека интенција на Општината е да се стимулираат младите за поголеми успеси во образованието.
– Им честитам на стипендистите за добиените стипендии. Секогаш има простор и за повеќе работа и поголеми резултати, но во оваа прилика, им порачувам на учениците дека треба да се вложуваат и да постигнуваат резултати во образованиот процес, да се натпреваруваат со знаења, бидејќи тоа ќе ги изгради како личности во животот. Посебно што овој период се соочуваме со новини во образовниот процес наметнати од пандемијата, далечинско учење, се јавуваат и технички проблеми во наставниот процес, но сето тоа не треба да биде препрека за учениците кои сакаат да постигнуваат успеси, туку напротив предизвик, рече Трајковски.
Трајковски уште истакна дека бројот на предвидени стипнедии согласно со Програмата е зголемен во последниве три години години, а зголемен е и износот на стипендиите по одредени категории.
– Како Општина го следиме успехот на учениците и, освен овие стипендии, доделуваме и три стипендии на првенците на генерацијата во трите училишта, а Општина Делчево доделува и наградно патување низ Европа на 10-те најдобри матуранти од СОУ „М.М.Брицо“. За оваа намена сме издвоиле од Буџетот за 2021 вкупно 760.000 денари, а од септември 2020 година воведена е нова мерка и исплаќаме по 3000 денари на првачињата кои ќе се запишат во делчевските училишта, истакна Трајковски.
Стипендиите ќе се исплаќаат за период од 9 месеци, а износот на ученичките стипендии во двете категории е 1000 денари, односно 1,500 денари, додека студентските стипендии во една категорија се во износ од 3,500 денари.