Делчево, 21.11.2019
Изградбата на градскиот пазар во Делчево е приоритетен проект во Програмата за развој на Општина Делчево за 2020 година усвоен од советниците на 31 Седница на Советот на Општината. Целта на Програмата за развој е зголемување на конкурентноста на цените и квалитетoт на производите, зголемена услуга на купувачите, зголемување на комодитетот при пазарење, а изградбата на градскиот пазар-отворен и затворен дел, ќе придонесе и за растоварување на сообраќајот од централното градско подрачје во пазарнте денови.
Вкупната вредност на изградбата на современиот градски пазар изнесува 34.905.466,00 денари. Првата фаза предвидена за изградба во 2020 година е во висина од 16.500.000,00 денари од кои 7.000.000 се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој, а останатите 9.520.000,00 денари од Буџетот на Општина Делчево.
На 31 Седница на Советот, советниците дадоа зелено светло и за Проектот „Изработката на Студија и техничка документација за водоснабдување на зимско- рекреативниот центар Голак“ за аплицирање до Фондот за техничка документација кој се спроведува како дел од Проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА).
Советниците го усвоија и 9-месечниот извештај за работење на ЈКП „Брегалница“ според кој за деветте месеци од оваа година ЈКП остварило добивка од близу три милиони денари. Во споредба со истиот период од 2015 година има зголемување на приходите од 5,8 милиони денари.
Советниците ја усвоија и Одлуката за основање Заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад. Согласно со Одлуката, Заедничкото јавно претпријатие за регионално управување со отпад „ДЕПОНИЈА МЕЧКУЕВЦИ“ сo седиште во Општина Свети Николе. Износот на средства за основање на ЗЈПРУО „ДЕПОНИЈА МЕЧКУЕВЦИ” Свети Николе е 3.000.000 денари, а средствата ги обезбедуваат општините-основачи во пропорционален износ со бројот на население, според последниот попис спроведен во државата во 2002 година и Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија. Износот предводен за учество на Општина Делчево е 140.737 денари.
Даниела Такева