Делчево, 09.07.2018
Во рамките на кампањата „Да ја поддржиме приказната на Делчево“, Општина Делчево ја започнува акцијата „Заедно до поубаво Делчево“ во која ќе врши избор на најубаво уреден двор.
Летниот период дава можност за убави и несекојдневни хортикултурни решенија и за уредување на дворните површини кои во Делчево заслужуваат внимание.
„Водејќи се од мотото дека секој индивидуалец или институција и фирма кои со својот труд и креација за уредување на дворните површини придонесуваат за поубаво Делчево, Општина Делчево објавува Конкурс за избор на најубаво уреден двор во Делчево. Целта на оваа акција е сите заедно да придонесеме за поубаво Делчево, но и како Општина сакаме да ги наградиме граѓаните и фирмите за својата улога во разубавувањето на градот, а од друга страна и да ги мотивираме сите граѓани на Делчево да дадат свој придонес за негово разубавување“,изјави Даниела Такева, лице за односи со јавноста во Општина Делчево.
Наградите ќе бидат доделени на свечената седница на Советот на Општина Делчево на 7 Септември, кога се одбележува Денот на ослободувањето на Делчево. Наградите се во износ од 10.000 денари како за индивидуална куќа исто така и за станбени комплекси и фирми.
На Јавниот конкурс кој е објавен денес на веб-страницата на Општина Делчево и на локалните и регионални медиуми, ќе можат да се пријават сите граѓани кои ценат дека нивното дворно уредување заслужува внимание. –„Не само својот убав двор, делчевци ја имаат можноста да пријават убаво уреден двор и на сосед или пријател, односно семеен двор на било кого, а за кој двор сметаат дека е убав. И на ваков начин може да се поднесе пријава“, вели Такева.
Конкурсот ќе биде отворен 14 дена, по што Комисијата формирана од стручни лица ќе ги посети пријавените дворови и ќе го оценува уредувањето на дворните површини.
За сопствениците за најдобро уредени дворови, Општина Делчево има обезбедено две награди во категориите: индивидуално домување и за колективно домување, институција или стопански субјект. Наградите ќе бидат доделени на Свечената седница на Советот на Општина Делчево на 7 Септември, кога се одбележува Денот на ослободувањето на Делчево.Наградите се во износ од 10.000 денари за индивидуална куќа и за станбени комплекси и фирми.