Делчево, 05.05.2022
Денес од печат излезе несекојдневна книга сочинета од поезија и афоризми чии ккреатори се поетесата Христина Деолска и афористичарот Миле Ѓоргијоски. Рецензенти се Витомир Долински и проф. д-р Слободан Р. Мартиновиќ . Корицата е дело на Јордан Поп Илиев и Христина Деолска.
-Дијалогот помеѓу поезијата на Христина и афоризмите на Миле во оваа книга ме потсетува на Сервантесовиот „Дон Кихот“ и на истоимената симфониската поема на Рихард Штраус. И во романот и во симфониската поема постои постојан дијалог помеѓу два светогледа – оној на дон Кихот и оној на Санчо Панса. Првиот е возвишено мудар и отмено воздржан, другиот – животно мудар и духовит. Иако различни, тие не се спротивставени туку некако се дополнуваат што го прават и Ѓорѓијоски и Деолска, со повремено предизвикување на она што Брехт би го нарекол ефект на отуѓеност (Verfremdungseffekt). И така, поетеса и сатиричар со нивните комплементарни погледи кон светот, чекорат низ времето и книгата: низ времето чии потстанари се нашите мисли, низ чии решетки гледаат најмногу затвореници, кое нема влакна на јазикот (а понекогаш ни име!); кое е релaтивно (особено за оние што живеат од денес за утре!); време кое се сака со својот вечен љубовник – просторот низ чии дупки Панта реи…
Секогаш се замислуваме, а понекогаш и, можеби обесхрабруваме кога ги читаме стиховите на нашата сјајна поетеса, како на пример овие: „Дождот ќе измие сè и последната желба под тркалото на времето.“ Меѓутоа за да не прерасне во тага и безнадежност прашањето предизвикано од овие стихови, да не нè сомеле тркалото на времето и дождот да не ја измие нашата последна желба и да не нè однесе (не)времето, афоризмот ни помага да размислуваме на друг начин: „Има и такви кои веруваат дека дождот ќе измие сè – комуналците.“ После него се насмевнуваме и продолжуваме со читање, уживајќи во менувањето и преплетувањето на различните визии, искуства, размислувања и сензибилитети на авторите. И секако се откажуваме од амбицијата што ја спомнува Ѓорѓијоски: „ Сон на ограничените: да го контролираат бескрајот.“
Да заклучам, пред читателот дефинитивно е книга вредна за читање. Со влегување во неа читателот влегува во светот на зборовите со кои се плете чудесна и запрепастувачка плетенка од стихови и афоризми. И сигурно нема да биде губење време. Запиша во својата рецензија проф.д-р Слободан Р. Мартинов