ДЕЛЧЕВО со 7,3 милиони денари ќе гради капела

Делчево, 25.07.2019

Делчево доби грант од Министерството за финансии за изградба на градска капела во рамките на  Проектот за подобрување на општинските услуги кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.

Денеска во Министерството, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски го потпиша договорот за грант во висина од 1,852.635 денари со министерката за финансии Ширет Елези и директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Марко Мантованели. Вкупниот буџет за реализирање на проектот за изградба на градска капела изнесува 7.364.136 денари од кои општинското кофинансирање е во износ од 5.511.501 денари и МСИП-грантот од 1.852.635 денари.

Реализацијата на овој проект ќе донесе значителни придобивки за градот Делчево, бидејќи верските обреди при погребувањето на починатите лица ќе се вршат во придружно – услужниот објект капела – мртовечница со што ќе се надмине досегашната практика, тие да се вршат во домовите на покојниците.

-Со овој проект ќе се овозможи подобрување на санитарно – хигиенските услови и заштита на населението од заразни болести со обезбедување услови за чување на покојниците, ќе се олесни погребалниот чин за семејствата на починатиот и ќе се изврши модернизација на објектите на комуналната инфраструктура кои се добра од јавен интерес. Директни корисници од имплементацијата на овој под-проект се припадниците на семејствата на починатите лица, додека индиректни корисници се сите жители од Општина Делчево, истакна градоначалникот Трајковски.

Капелата ќе се гради во непосредна близина на градските гробишта. Во рамки на парцелата предвидени се паркинг места за 16 лесни возила, како и пристап за возилото за носење на ковчегот во мртовечницата и пешачка патека за вработените лица и посетителите, како и парковско зеленило. Објектот мртовечница – капела е предвиден како правоаголен објект со димензии 17,5/12,3 метри и вкупна површина од 190,42м2  со сите придружни простории и комора.

Тендерот за изградба на капелата е во фаза на подготовка, а согласно со техничката документација градежните работи треба да заврши до завршување на МСИП- проектот до 31 март 2020 година.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе