Штип, 24.11.2016
Сојузот на пензионери на Македонија, преку општинските Здруженија на пензионери, секој месец од секоја пензија запира по 150 денари за тнр. „солидарен фонд“. Од овој фонд, 30 денари одат за централата во Скопје, а 120 денари остануваат во општинските здруженија.
Од овие солидарни пари се исплатува определена сума за погребнина на починат пензионер. Но, на денешната јавна трибина на здружената опозиција со група пензионери, на која учествуваа и на прашања на присутните одговараа Владимир Милошев, лидер на штипските социјалдемократи и Илија Николовски, претседател на ПОГПМ, одржана во Здружението на инвалидски пензионери во Штип, се слушнаа мошне интересни пораки.
„Ако сакаш ургентно да ти бидат исплатени парите за посмртнина, тогаш на ден пред својата смрт стани си вмровец“, рече Раде, еден од присутните.
Раде вака го објасни своето толкување. –„Ако умре член на ВМРО ДПМНЕ ургентно, сред ноќ, од Здружението на пензионери му се исплатуваа посмртнината. Мојата сопруга почина, цели девет месеци чекав за да ме исплатат. Рекоа дека не сум бил од нивните. Ако не позајмев од пријатели немаше да можам да си ја погребам мојата животна сопатничка“, потенцира Раде.
На дебатат се слушнаа и други примери за нееднаквиот однос на власта и Сојузот на пензионери спрема сите членови на оваа организација. Еден од присутните пензионери рече дека скопските пензионери на име бесплатен превоз заштедуваат по 1.600 денари месечно. –„Со толку пари треба да бидаат обештетувани пензионерите во внатрешноста, зашто вака сите во фондот учествуваме со исти пари но сите не добиваме исто“, посочи пензионерката Стојанка.